Шест земји членки на Европската Унија (ЕУ) побараа следниот седумгодишен буџет на ЕУ да биде намален за неколку стотици милијарди евра, објави денес холандскиот радиодифузер НОС, повикувајќи се на писмо до кое имал увид.
Европската Унија во моментов преговара за својот следен долгорочен буџет „Повеќегодишната финансиска рамка (ПФР) за периодот 2028-2034 година“, чиј предложен износ е речиси 2 билиони евра.
Лидерите на Холандија, Германија, Шведска, Данска, Австрија и Финска се спротивставија на предлогот на Европската комисија, за кој велат дека би довел до зголемување на буџетот на Унијата за 60 отсто.
Групата изјави дека го прифаќа фактот оти идниот буџет на ЕУ ќе биде поголем од сегашниот, вреден 1,2 билиони евра, кој беше договорен за време на пандемијата на Ковид-19.
„Секое такво зголемување во период на домашна фискална консолидација претставува значајна заложба. Тоа покажува колку сериозно ја сфаќаме потребата од посилна Европа“, напишаа Мерц и останатите лидери.
Наводно тие го оцениле предлогот како „нереален“, од политички и од економски аспект, наведувајќи дека зголемувањето не е во согласност со мерките за штедење потребни во неколку земји членки.
Поради тоа, тие побараа буџетот да биде намален за „неколку стотици милијарди евра“.
Лидерите, исто така, повикаа на темелна реформа на трошењето на средствата на ЕУ, наведувајќи дека инвестициите треба да бидат насочени кон безбедноста, одбраната, економската конкурентност, иновациите и борбата против илегалната миграција во рамките на силна и независна Европа.
Во писмото упатено до актуелното ирско претседателство со ЕУ, лидерите нагласија дека новиот предлог-буџет треба да предвидува износ што реално може да се финансира без дополнително задолжување.





















