| Macedonian
Дизни и ТикТок потпишаа глобален договор за споделување содржини за видеа на креаторите
Креаторите учесници во програмата ќе добијат пристап до материјал од стотици филмови и серии на Дизни, а нивните видеа ќе бидат емитувани на ТикТок и на Дизни+
Дизни и ТикТок потпишаа глобален договор за споделување содржини за видеа на креаторите
Kорисниците на TикТок споделувале на платформата просечно 6,5 милиони објави поврзани со филмови и телевизија секој ден минатата година

Компаниите Волт Дизни и ТикТок објавија во среда глобален договор за споделување содржини што ќе им овозможи на креаторите учесници во програмата да продуцираат кратки видеа користејќи сцени и друг материјал од филмови и телевизиски емисии на Дизни.

Програмата првично ќе биде тестирана во САД во наредните месеци пред да се прошири на други пазари, соопштија компаниите во заедничко соопштение.

ТикТок ќе им обезбеди на креаторите пристап до средства поврзани со стотици продукции од обемната библиотека со содржини на Дизни.

Креаторите кои ќе се пријават за програмата ќе можат да користат ликови, сцени и приказни од брендови и франшизи, вклучувајќи ги Пиксар (Pixar), Марвел (Marvel), Стар Ворс (Star Wars) и FX.

Нивните видеа ќе бидат објавени на ТикТок и вклучени во внимателно избран и постојано надополнуван стрим на Вертс (Verts), функцијата за вертикално видео во рамките на мобилната апликација Дизни+.

Содржината прикажана на Дизни+ ќе се освежува редовно за да ги одрази тековните дискусии на обожавателите и да ги охрабри претплатниците да истражуваат повеќе филмови и телевизиски програми на компанијата.

Финансиските детали од договорот не беа откриени.

„Најдобрите раскажувачи се пред сè обожавателите“, рече главниот маркетинг и бренд директор на Дизни, Асад Ајаз.

„Оваа соработка создава нов мост помеѓу приказните што ги раскажуваме и креативноста што ја инспирираат“, додаде тој.

Даун Јанг, шеф на глобалната забава на TикТок, рече дека креаторите помогнале да се продолжи животниот век на филмовите и телевизиските емисии претворајќи ги во дискусии што другите обожаватели би можеле да ги откријат и споделат.

„Заедно со Дизни, го носиме автентичниот израз на креаторите од заедницата ТикТок на Дизни+“, рече таа.

Програма Амбасадор за креатори

Компаниите, исто така, ќе воспостават Дизни Програма Амбасадор за креатори, које ќе биде заеднички управувана. 

Избраните креатори ќе добијат поголема видливост, пристап до ексклузивни настани, можности за развој на кариерата и други награди, според соопштението.

Дизни и TикТок рекоа дека видеата креирани од фановите играат сè поважна улога во тоа како публиката открива и се вклучува во забавата.

Внатрешните податоци на TикТок покажаа дека корисниците споделувале на платформата просечно 6,5 милиони објави поврзани со филмови и телевизија секој ден минатата година.

Речиси половина од гледачите вклучени во посебна анкета рекле дека подоцна гледале филм или телевизиска програма откако откриле поврзана содржина на TикТок.

Дизни го лансираше Вертс за претплатниците на Дизни+ во САД во март како вертикален фид првенствено за мобилни уреди.

Функцијата првично им овозможуваше на корисниците да прелистуваат сцени од продукции на Дизни+, да додаваат наслови во нивните листи за гледање или директно да почнат да ја гледаат целата програма.

Дизни во тоа време изјави дека планира да го прошири Вертс надвор од откривањето содржини со воведување видеа продуцирани од креаторите и дополнителни кратки формати.

Извор: АА

Повеќе
Вучиќ најави отворање фабрика за дронови со Израелците во средината на септември
Анкара: Туристичката рамка на Грција нема правни последици за Туркије
Дизни и ТикТок потпишаа глобален договор за споделување содржини за видеа на креаторите
Војна што никогаш не завршува: Палестинците го чекаат денот кога Израел ќе го почитува примирјето
Воскресение на изгубеното турско лале: Како домар повторно ја напиша ботаничката историја
Што се крие зад акцијата на САД за спасување на јапонскиот јен?
Дуран: Договорот од Мека за заедничка одбрана е историски чекор
Шпанија ѝ постави ултиматум на Италија да ги укине на граничните контроли поради Сеута
Трамп инсистира дека Иран сака нуклеарен договор со САД: Тие не сакаат да бидат погодени
Израелски министри бараат обновување на офанзивата во Газа и отфрлање на планот на Трамп за примирје
Нападот врз еден е напад врз сите, велат Туркије, Саудиска Арабија и Пакистан во одбранбениот пакт
Турската компанија „Аселсан“ тестира муниција за разбивање бункери „Толун-П“ со дрон „Акинџи“
Научници за првпат употребија вештачка интелигенција за создавање нови вируси
ЕУ започна со спроведување на проектот ИРИС 2 со речиси 350 сателити
Австралиската Викторија воведе карантин за живина поради зголемени случаи на птичји грип H5N1