100 години по врвови: 
Љуботен македонски планинарски клуб
РЕГИОН
3 мин читање
100 години по врвови: Љуботен македонски планинарски клубНајстарото активно македонско планинарско друштво- Љуботен, слави 100 години постоење
100 ГОДИНИ ПО ВРВОВИ: ЉУБОТЕН МАКЕДОНСКИ ПЛАНИНАРСКИ КЛУБ / TRT Balkan MK
18 април 2025

Еден век љубов кон планината, искачувања по остри карпи, логорски огнови и безброј приказни на отворено небо. Планинарскиот клуб Љуботен од Тетово слави 100 години постоење – и тоа не било какви. Најстарото активно македонско планинарско друштво чекори со истата енергија како и на првиот ден.

„Приказната започнува со потребата од еден планинарски дом,“ вели претседателот на клубот, Јован Божиноски, во разговор со екипата на ТРТ Балкан. 

„Љуботен, до 1922 година, се сметал за највисок врв на Шар Планина. Од таму доаѓа и идејата – ако има врв, мора да има и засолниште. Така настанува првиот планинарски дом во Македонија – Домот Љуботен, изграден во 1931 година. Токму тука почнува целата авантура.“

Во просториите на клубот, на секој ѕид има по една приказна – за успеси, тешкотии и незаборавни искачувања низ годините. Божиноски истакнува дека токму луѓето се срцето на секоја организација: 

„Членовите се тие што ја движат приказната. Тие ја одржуваат живата врска меѓу природата и клубот.“

Во чест на вековниот јубилеј, клубот оваа година организира амбициозен подвиг: околу дваесет планинари ќе се искачат на Мон Блан и неколку алпски врвови. Истовремено, не се забораваат и традиционалните настани. Искачувањето на Љуботен за 11 Октомври, како и слетот на Лешница за Илинден, се практикуваат со децении.

Најголемиот белег, сепак, го остава Титов Врв. Првото меморијално искачување во чест на Јосип Броз Тито е одржано во 1980 година, кога, според Божиноски, „околу 100 луѓе го искачија врвот на 25 мај“.
Настанот бргу станува масовен: следната година се приклучуваат 600, потоа 800, па и до 1500 планинари. По 1991 година, добива статус на традиционално искачување и денес е препознатлив планинарски бренд. „Најубавото од сè е дружбата“, додава Божиноски. „На врвот се среќаваат планинари од цел Балкан – Србија, Грција, Бугарија, Романија, БиХ, Албанија, Косово. Ако е убаво времето, врвот блеска од послани знамиња.“

На роденденската тура на Лешница, се приклучи и еден од најстарите членови на клубот – Стеван Илиески, кој членува од 1957 година. 

„Првото планинарење ми беше токму тука, на Лешница. Три дена логорување и магичен почеток,“ се присетува тој.
За годинешниот собир рече дека најмногу го радува бројот на млади планинари, кои знаат да ја почитуваат природата и другарството.


Исто така, токму Љуботен во 1947 година го организира првиот меѓународен Шарпланински Куп, со што ги поврза локалните скијачи со меѓународната планинарска сцена.

„Токму тој Куп ја прави Шара, Тетово и Македонија препознатливи на мапата на скијачкиот свет,“ потенцира Божиноски, гордо покажувајќи на пехарот што стои во клубот – шарпланинскиот трофеј на кој се врежани имињата на сите победници низ годините.

Од дрвени планинарски чевли и скии до врвна планинарска опрема, од неколкумина ентузијасти до илјадници љубители на природата – Љуботен сто години ја раскажува својата приказна на планинските патеки. И денес, како и пред еден век, продолжува да го спојува човекот со врвовите. Зашто кога љубовта кон планината трае сто години – тоа веќе не е само спорт, туку начин на живот.


Повеќе
Гаши: Соживотот и дијалогот клучни за стабилноста во регионот
Во Скопје одржан Самит на верските заедниции на Балканот
Трамп: Новото раководство на Иран бара прекин на огнот
Германија ги намалува загриженостите околу заканата на Трамп за напуштање на НАТО
Мицкоски: Состојбата со горивата е стабилна, струјата нема да поскапи
Ердоган: Израел првенствено е одговорен за незаконската војна со Иран
Трамп: Сериозно размислувам за повлекување на САД од НАТО
Техеран има 4 барања до САД и Израел за постигнување траен мир на Блискиот Исток
Иран ѝ се закани на Бугарија поради американските авиони стационирани на аеродромот во Софија
Зеленски: Русија бара повлекување на Украина од Донбас во рок од два месеци
Хамнеи: Иран ветува континуирана поддршка на Хезболах во борбата против САД и Израел
Хутите тврдат дека извршиле ракетен напад врз Израел заедно со Иран и Хезболах
Аракчи: Разменети се некои пораки меѓу Иран и САД, но тоа не значи дека преговараме
Папата Лав го повика Трамп да бара „излез од војната“ додека ескалира војната меѓу Иран
Шрапнели од соборен дрон усмртија едно лице во ОАЕ