Вучиќ: Во мај ќе биде пуштена директната авиолинија Белград-Баку
Двајцата претседатели се согласија за голем број заеднички проекти, вклучувајќи ја изградбата на гасна електрана во Србија со учество на Азербејџан и отворањето на воздушна рута меѓу главните градови
Српскиот претседател Александар Вучиќ најави отворање на воздушна линија помеѓу Белград и азербејџанската престолнина Баку во мај оваа година.
„Уште една дестинација каде што ќе летаме и ќе бидеме поврзани со тој прекрасен град на брегот на Каспиското Море, што дополнително ќе придонесе за поголем и подобар квалитет на нашите односи и уште поголема соработка меѓу Србија и Азербејџан во економијата, трговијата, но и во односите меѓу луѓето кои ќе можат да се поврзат, од бизнисмени до обични луѓе кои можат да го запознаат Азербејџан и да видат колку е убава и успешна земја“, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија исто така нагласи дека со нетрпение ја очекува својата следна посета на Азербејџан во мај.
„Ќе одам, дали денот пред тоа или со тој лет, ќе видиме, или денот потоа. Зависи од моите обврски и обврските на претседателот Алиев, но токму во тоа време, на почетокот на мај, ќе се случи првиот лет Белград-Баку“, додаде Вучиќ.
Илхам Алиев го посети Белград кон средината на февруари оваа година, каде што се сретна со Вучиќ. Двајцата претседатели се согласија за голем број заеднички проекти, вклучувајќи ја изградбата на гасна електрана во Србија со учество на Азербејџан и отворањето на воздушна рута меѓу главните градови.