Претседателот на САД, Доналд Трамп му наложи на потпретседателот Џ.Д. Венс да го пренасочи фокусот од американската војна против Иран и наместо тоа да се посвети на борбата против „корупцијата и криминалот во градовите и сојузните држави под контрола на демократите“.
Венс, кој беше главен преговарач за краткотрајното примирје во војната што трае веќе осум месеци, отворено ја посочи војната, како и економските последици што таа ги предизвика, како причина за големиот пораз на Републиканската партија на минатонеделните средномандатни избори во САД.
Сепак, во објава на социјалните мрежи во четвртокот, Трамп му порача на потпретседателот да ја пренасочи енергијата од војната со Иран кон прашање што тој го смета за поитно, а можеби и политички позначајно, особено по изборите.
„Не ни треба договор со Иран“, напиша Трамп во објавата. „Тие денови одамна се минато. Ние ги имаме нивните пари, стотици милијарди долари, а го имаме и нивниот теснец!“
Претходно оваа недела, Трамп изјави дека смета оти војната „воено е практично завршена“, а сега дополнително ја нагласи таа порака, експлицитно барајќи од Венс „целосно и потполно да се фокусира“ на неговата кампања против изборните измами.
Демократите ветија засилен надзор врз деловните зделки на Трамп и други прашања, откако во јануари ќе ја преземат контролата врз Конгресот.
Објавата на Трамп за Венс и војната со Иран делумно претставуваше одговор на бројните извештаи за плановите на демократите.
Исто така, таа дојде откако весникот Волстрит џурнал во средата вечерта објави дека Венс размислува за нова рунда директни разговори со висок ирански претставник.
Од кабинетот на потпретседателот не одговорија на барањето за коментар.
Прес-службата на Белата куќа, во одговор на прашање испратен преку е-пошта, истакна дека Трамп во својата објава јасно ставил до знаење оти не гледа потреба за преговори со Иран.
Венс ги припишува поразите на средномандатните избори на војната со Иран
Венс, кој долго време се залагаше за воздржаност во американските воени интервенции во странство, покажа слаб ентузијазам во одбраната на конфликтот откако Трамп го започна. Тој, исто така, стана лицето на еден неуспешен обид за ставање крај на борбите, откако во текот на летото ги предводеше преговорите.
По поразите на 3 ноември, Венс напиша опширна објава на платформата X, во која без заобиколување зборуваше за политичките последици од конфликтот.
„Ако сакате да тврдите дека сето тоа вредело, дека губењето на Сенатот во следните 6 години било вредно за тоа, тогаш слободно направете го тоа“, рече Венс. „Тврдете дека тоа била цена што вредело да се плати. Без разлика дали се согласувате или не, тоа барем е искрено.“
Потпретседателот размислува дали да влезе во трката за Белата куќа во 2028 година. Незадоволството на гласачите од начинот на кој се водеше војната би можело негативно да влијае врз тие амбиции.
Претседателот сè уште нема дадено поддршка за ниту еден наследник за изборите во 2028 година. Во интервју за емисијата „60 минути“ на Си-Би-Ес (CBS), емитувано во неделата, претседателот изјави дека „можеби ќе се вклучи, а можеби и не“ во процесот на давање поддршка.
Претходно оваа недела, Трамп изјави дека смета оти напорите за посредување, предводени од Катар, бележат напредок. Тој додаде дека е малку веројатно оти ќе мора да ги спроведе своите претходни закани за повторно започнување на целосно бомбардирање на Иран, откако поминаа изборите.
Галибаф тврди дека САД сакаат Русија да интервенира
Испораките на нафта преку Ормускиот Теснец се вратија на нивоа блиски до оние пред војната, откако Иран со месеци ефективно го блокираше овој клучен воден пат, спречувајќи го протокот на сурова нафта и енергетски ресурси од неговите соседи во Персискиот Залив.
Сепак, меѓународните танкери сега се потпираат на придружба од американската морнарица за безбедно да поминат низ теснецот. Американската војска неодамна изврши ограничени напади врз Иран, вклучително и врз неговите системи за противвоздушна одбрана.
И додека извозот на сурова нафта и течен природен гас од Заливот расте, истовремено се зголемува и бројот на напади врз бродовите што се обидуваат да поминат низ овој воден пат. Во меѓувреме, главниот преговарач на Иран и претседател на парламентот, Мохамад Багер Галибаф, во едно интервју изјави дека Соединетите Држави побарале од рускиот претседател Владимир Путин да посредува во директни преговори меѓу САД и Иран.
„Американците беа тие што, за време на посетата на Москва, разговараа со Путин и побараа од него да разговара со Иран, за Иран, во секој случај, да се согласи директно да преговара со нив“, изјави Галибаф за Ал Џезира.
„Видете, Русија и Путин, рускиот претседател, се наши пријатели. Имаме стратешки односи со Русија. Многу сме блиски и имаме особено високо мислење за Путин.“
Белата куќа не одговори директно на прашањето дали САД побарале од Путин да посредува во разговорите со Иран.
Галибаф рече дека секретарот на Врховниот совет за национална безбедност, генерал-мајор Мохсен Резаеи, отпатувал во Русија и го запознал Путин со деталите од преговорите.
„Тој го информираше дека на Американците им ги пренесовме нашите ставови, кои ги претставуваат легитимните права и оправданите барања на нашиот народ“, рече тој, додавајќи дека сега е ред на американската страна да одговори.
„На нив останува да одлучат. Ако навистина ја зборуваат вистината и се искрени во однос на преговорите, тогаш треба да одговорат и да го започнат процесот“, изјави Галибаф.
„Но, доколку сакаат да тргнат по патот на војната, тогаш, се разбира, ние сме целосно подготвени и за тоа.“






















