Билатералните односи, процесот на европската интеграција, недовербата меѓу двете страни и потребата од нејзино надминување преку дијалог, како и Акцискиот план за малцинствата, биле дел од темите, за кои денеска во Софија разговарале министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова Чамова, на средбата на маргините на Министерскиот состанок во Софија, пренесува МИА.
Муцунски по средбата со Петрова Чамова, имаше и одвоена средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Тој во изјава за медиумите по двете средби оцени дека со Чамова Петрова имале конструктивни разговори, средбата била одржана во позитивен дух, иако, како што нагласи, позициите на двете држави по суштинските прашања и натаму се далечни, при што е договорено дијалогот да продолжи по сите прашања од заеднички интерес.
„Позициите на Македонија и Бугарија во однос на прашањата поврзани со европската интеграција сè уште се многу далечни, но денешната средба со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова беше конструктивна и одржана во позитивен дух, при што е договорено дијалогот меѓу двете држави да продолжи по сите прашања од заеднички интерес“, изјави Муцунски.
Тој оцени дека меѓу двете страни постои висок степен на недоверба во однос на процесот на европската интеграција на Македонија, пред сè, во поглед на неговата предвидливост.
„Денешната средба беше конструктивна, по мое мислење во позитивен дух. Морам да бидам и апсолутно транспарентен и јасен, не е дека решивме некое суштинско прашање, позициите се сè уште многу далечни, за тоа нема никаква дилема, но разговаравме во позитивен дух за развивање на дијалог во периодот што следи помеѓу двете држави и тој дијалог несомнено ќе продолжи“, рече Муцунски.
Тој посочи дека стратешки интерес на Бугарија е Македонија да се движи напред по европскиот пат, но оти кај македонската страна постои недоверба поради тоа што, како што рече, низ годините постојано се појавувале нови билатерални барања.
„Ние сме земја кон којашто низ годините постојано има некои билатерални барања и штом се затворало едно билатерално барање, потоа се отворало ново. Значи таа недоверба постои. Исто така сме цврсто определени на позициите дека прашања поврзани со јазик, со идентитет, со историја, со култура, не смеат да го оптоваруваат нашиот европски пат“, нагласи Муцунски.
Како една од темите на средбата, тој го посочи и Акцискиот план за малцинствата, за кој, како што информира, исто така е договорено да се разговара во периодот што следи.
Тој нагласи дека дијалогот мора да продолжи по сите прашања од заеднички интерес, бидејќи без дијалог нема можност за решение, но истовремено посочи дека самиот дијалог не претставува гаранција дека ќе се постигне решение, имајќи ги предвид разликите во ставовите на двете држави.
Велислава Петрова-Чамова по билатералната средба со Муцунски изјави дека Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, но условите за нејзиниот напредок остануваат непроменети од 2022 година.
„Одржавме конструктивна билатерална средба со министерот Муцунски. Средбата беше побарана од страна на Република Северна Македонија и јас ја прифатив. Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, при што условите за неа остануваат непроменети од 2022 година. Очекуваме да бидат исполнети и уставните измени, како и сите останати елементи од договорениот консензус,“ нагласи Петрова.
Таа соопшти дека од Муцунски побарала да ја претстави позицијата на Скопје во однос на роковите во кои ќе бидат исполнети преземените обврски.
„Од нивна страна ставот е дека треба да се изгради чувство на доверба. За мене, основниот начин за да изградиме доверба е исполнувањето на обврските. Се надевам дека ќе видиме позитивни чекори во оваа насока“, изјави министерката.
Таа беше категорична дека Софија не поставува дополнителни услови за земјава.
„Ние немаме други очекувања освен оние што се запишани во 2022 година и очекуваме тие да бидат исполнети. Најдобрата гаранција е исполнувањето, нагласи Петрова и додаде декапроцесот на пристапување кон ЕУ се заснова на јасно утврдени правила и критериуми, а одлуките ги носат земјите членки согласно договорената преговарачка рамка. Ниту една земја членка не може да ѝ даде гаранции на земја кандидат за продолжувањето на процесот. Она што може да го даде е политичка подготвеност да се придржува кон преземените обврски. Бугарија ја покажа таа подготвеност“, ја пренесе БГНЕС изјавата на Петрова-Чамова.
Во однос на средбата со еврокомесарката за проширување Марта Кос, Муцунски информира дека разговарале за повеќе теми, меѓу кои и за билатералниот однос со Бугарија и за можноста Европската Унија да биде продуктивна во тој процес.
Тој посочи дека со Европската комисија Македонија има повеќе приоритети, поврзани со реформската агенда и со други стратешки интереси, но дека меѓу темите била опфатена и состојбата во односите со Бугарија.
Запрашан дали со Кос разговарал за можноста Европската Унија да биде посредник во односите меѓу Скопје и Софија, Муцунски оцени дека Европската Унија ќе направи сè што е можно за да се постигне напредок во процесот на отворање на преговорите за членство на Македонија.
-Мој впечаток е дека Европската Унија ќе направи сè што е можно, и барем кај Европската комисија пред сè, има сериозен интерес да се постигне напредок по однос на процесот на отворање на преговори за нашата држава – истакна тој.
Муцунски повтори дека позициите на Владата остануваат непроменети, но оти дијалогот мора да продолжи и да се води во духот на добрата верба и добрата волја, притоа земајќи ги предвид интересите на Македонија како држава.






















