Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, во своето обраќање пред пратениците во Европскиот парламент во Стразбур порача дека неговата земја е подготвена да стане 28. членка на Европската Унија (ЕУ) до 2028 година, истакнувајќи дека ќе стори сѐ за да се оствари таа цел.
Милатовиќ им се обрати на европските парламентарци на покана на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, која нагласи дека проширувањето на Европската Унија денес е приоритет, а не ветување за иднината.
Мецола упати пофалби за успешната организација на Самитот ЕУ - Западен Балкан во Тиват. Таа оцени дека овој собир носи нов замав за политиката на проширување, која Европскиот парламент долго ја поддржува.
„Пораката е јасна, проширувањето веќе не е ветување за утре. Тоа е приоритет на денешницата. И работите конечно се движат напред. Црна Гора предничи во тоа“, рече Мецола, потсетувајќи дека земјата затворила вкупно 16 преговарачки поглавја, вклучително и две нови што беа затворени еден ден претходно.
Таа нагласи дека веќе се работи на договорот за пристапување. Според неа, ова е доказ дека процесот на проширување останува заснован исклучиво врз заслугите на секоја земја и постигнатите реформи.
„Проширувањето не е чин на милосрдие. Тоа е стратегиски избор. Тоа е добивка за сите и силна геополитичка инвестиција што го прави нашиот континент побезбеден, поправеден, постабилен и попросперитетен“, порача Мецола.
Говорејќи за европската перспектива на Црна Гора, Милатовиќ рече дека оптимизмот е обновен и за време на неодамнешниот самит во Тиват.
„Сакам да пратам јасна порака. Црна Гора е подготвена да стане 28. членка на Европската Унија до 2028 година“, рече црногорскиот претседател.
На прашањето во однос на реализирањето на таа цел, Мецола нагласи дека Црна Гора ќе има силна поддршка од Европската Унија за зачленување, штом ќе бидат исполнети сите предвидени услови.
Милатовиќ потсети дека последниот договор за пристап Европската Унија го ратификуваше пред речиси 15 години, кога Хрватска стана членка.
„Искрено се надевам дека и ова свикување на Европскиот парламент ќе испише дел од европската историја и ќе го ратификува договорот за пристап на барем една земја кандидат, а се надевам дека тоа ќе биде токму Црна Гора“, рече тој.
Коментирајќи ги неофицијалните документи за проширувањето што кружат во европските дипломатски кругови, Милатовиќ нагласи дека Црна Гора се наоѓа во единствена позиција како единствена држава кандидат со која Европскиот совет веќе формираше работна група за изработка на договорот за пристап.
Според неговите зборови, тие документи претставуваат обид на европските лидери да му дадат дополнителен политички замав и енергија на процесот на проширување.























