Пезешкијан: Целта на САД е Иран да се предаде, но Иранците не поклекнуваат пред силата

Длабоката историска недоверба во Иран кон однесувањето на американската влада останува, додека неконструктивните и контрадикторни сигнали од американските претставници носат горчлива порака, рече иранскиот претседател

By
Пезешкијан вчера изјави дека Иран нема да учествува во втората рунда преговори со САД бидејќи Вашингтон континуирано ги крши своите обврски / Reuters

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денес оцени дека целта на Соединетите Американски Држави во преговорите со Иран за прекин на конфликтот е Техеран да се предаде, но нагласи дека иранскиот народ „не поклекнувааат пред силата“.

„Длабоката историска недоверба во Иран кон однесувањето на американската влада останува, додека неконструктивните и контрадикторни сигнали од американските претставници носат горчлива порака. Тие бараат предавање на Иран“, напиша Пезешкијан на својот профил на X.

Коментирајќи го сегашниот тек на преговорите меѓу Вашингтон и Техеран, Пезешкијан изјави дека основата на секој значаен дијалог е почитувањето на обврските.

Порано денес, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе испрати американска делегација во Пакистан за понатамошни разговори со Иран пред да истече 10-дневниот прекин на огнот во наредните денови.

Пезешкијан вчера изјави дека Иран нема да учествува во втората рунда преговори со САД бидејќи Вашингтон „континуирано ги кршеше своите обврски и се однесуваше неразумно“ за време на претходните преговори и за време на двонеделното примирје.

Во соопштението, издадено по телефонскиот разговор на Пезешкијан со пакистанскиот премиер Шебаз Шариф во неделата, се вели дека САД „јасно го кршат“ договорот за примирје со „провокативни и нелегални дејствија“.

За време на разговорите меѓу САД и Иран, одржани на високо ниво во пакистанскиот главен град на 11 и 12 април, не беше постигнат никаков договор.