Пентагон разгледува повлекување на околу 25.000 или повеќе американски војници од Европа, со што американското воено присуство на континентот потенцијално би се намалило за речиси една третина, објави вчера Ен-Би-Ес Њуз.
Предложеното намалување би можело да биде и поголемо, односно да достигне до 40.000 војници, објави Ен-Би-Ес Њуз, повикувајќи се на актуелни и поранешни американски и западни претставници запознаени со разговорите. Во Европа моментално се распоредени околу 80.000 американски војници.
Според наводите, сè уште не е донесена конечна одлука.
Германија, Италија и Шпанија, каде што се распоредени дел од најголемите американски воени контингенти во Европа, се меѓу земјите што би можеле да бидат погодени со овие промени.
Опциите што се разгледуваат се дел од шестмесечната анализа на Пентагон за американското воено присуство во Европа. Генералот Алексус Гринкевич, кој е на чело на Европската команда на САД и ја извршува функцијата врховен сојузнички командант на НАТО, се очекува во петок да му ја претстави првичната анализа на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, објави Ен-Би-Ес Њуз.
Се очекува анализата да опфати неколку опции поврзани со воздухопловните, поморските и копнените сили, како и можноста дел од американските сили да бидат прераспоредени кон источното крило на НАТО.
Според наводите, се очекува Хегсет да ја добие конечната препорака на 6 ноември, пред кој било предлог да му биде доставен на претседателот Доналд Трамп.
Администрацијата на Трамп долго време застапува став дека европските земји треба да преземат поголема одговорност за својата конвенционална одбрана, а дополнителните воени ресурси САД би ги насочиле кон други региони.
Можните намалувања предизвикаа загриженост кај некои американски законодавци и европски влади, кои предупредија дека брзото повлекување би можело да влијае врз способноста на НАТО да ја одвраќа Русија.
Ен-би-ес њуз, исто така, објави дека Стејт департментот и Пентагон имаат различни ставови во врска со процесот на преиспитување.
Според наводите, државниот секретар Марко Рубио интервенирал во јуни откако Пентагон се подготвувал да ги информира министрите за одбрана на НАТО за потенцијалните значителни намалувања на американското воено присуство.
Наводите доаѓаат во време кога сенаторите одделно го повикаа Рубио да се погрижи Стејт департментот и американските дипломати целосно да бидат вклучени во анализата на распоредувањето на воените сили.


























