Денес во Киев е прогласен ден на жалост по повод еден од најсилните руски напади врз украинската престолнина од почетокот на војната, во кој најмалку 30 лица беа убиени, а повеќе од 90 беа повредени во ноќта помеѓу среда и четврток.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека има уште граѓани чија судбина е непозната, а меѓу нив се родителите на десетгодишно момче, кое е хоспитализирано, како и на 15-годишно девојче.
Украинската премиерка Јулија Свириденко претходно вчера објави дека повеќе од 20 станбени згради биле погодени во нападот, како и дека околу сто куќи биле оштетени поради гранатирање.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека Русија употребила речиси 500 беспилотни летала и повеќе од 70 балистички ракети за време на нападот.
Според украинските власти, четири лица се убиени во Сумиската област, вклучувајќи жена и нејзината ќерка, во руски напади со беспилотни летала синоќа.
Руското Министерство за одбрана, пак, вчера соопшти дека вооружените сили извршиле интензивен напад со високопрецизно оружје со долг дострел и беспилотни системи врз воено-индустриските објекти и енергетските објекти во Киев и регионот на Киев, како одмазда за нападите на украинската армија на руска територија.












