Од Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска соопштија детали за случајот со починатото двегодишно дете што беше повредено во главата од метален фрагмент за време на новогодишната ноќ.
„На 01.01.2026 во 00:58 во СВР Скопје, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ е пријавено дека кај нив во многу тешка состојба и со стран предмет во глава е донесено двегодишно дете од Скопје. Полициски службеници излегле на местото и извршиле службен разговор со мајката Г.Д.(21), која појаснила дека на 31.12.2025 пред полноќ излегла пред дворот од куќата на подрачјето на Гази Баба со детето и гледајќи огномет слушнала звук, по што забележала крв од главата на детето. Во полициска станица е извршен службен разговор и со таткото на детето М.А.(26). Во 01:58 часот на 02.01.2026 детето починало, а лекар констатирал смрт“, соопшти МВР.
По наредба на јавен обвинител, телото на детето е дадено на обдукција и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Од Министерството за здравство соопштија дека детето било примено на Ургентниот центар, а поради сериозноста на состојбата било згрижено на Клиниката за неврохирургија, на одделот за интензивна нега.
Детето било интубирано, поставено на механичка вентилација, била ординирана антибиотска и антиедематозна терапија, како и 24-часовен мониторинг.
„Интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво не дозволуваше хируршко лекување. И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, како резултат на многу тешките повреди на мозокот од страна на метално страно тело“, соопшти Министерството за здравство.
Министерството изрази најдлабоко и искрено сочувство до семејството и до најблиските во овие неизмерно тешки моменти.
„Уште еднаш апелираме до сите граѓани, новогодишните празници да се одбележуваат мирно и достоинствено, без употреба на пиротехнички средства, петарди, а особено без користење огнено оружје. Последиците од ваквото неодговорно однесување се сериозни и, за жал, можат да бидат и фатални“, се додава во соопштението од Министерството за здравство.
















