„Книжарница под отворено небо“: Чувар на културата на читање книги

„Јас 40 години сакам да им кажам на одредени луѓе коишто се одговорни за таа функција дека книгата треба да си го има своето место, затоа што книгата е примарната работа во нашето постоење.“

By Адмир Фазлагиќ
„Книжарница под отворено небо“: Чувар на културата на читање книги / TRT Balkan MK

Соња Иванова од Скопје е антиквар, вљубеник во книгата и пишаниот збор. Таа повеќе од половина од својот живот се бави со книгите, со читање, со препораки, со продажба, со пишување и всушност, со се што е поврзано со книгата.

Речиси дека е невозможно да поминувате кај „Рекорд“ на улица Македонија во Скопје, а притоа да не ја забележите Соња Иванова и „Книжарницата под отворено небо“. Со неверојатно богатиот фонд на книги, како и со автентичен изглед кој се карактеризира со шарени бои, внимателно одбрани естетски елементи, оваа книжарница претставува своевиден храм на културата во Скопје и трпеливо ја чува и негува културата на читање книги, пркосејќи му на модерното време, во кое книгата, изворот и фундаментот на знаењето, го губи својот примат.

Во разговор за ТРТ Балкан Иванова ја сподели својата животна приказна, говореше за љубовта кон книгата и желбата таа да допре до што поголем број на луѓе и да го заземе вистинското место во општеството.

„Ова не ми е примарна професија, меѓутоа јас цел живот ја сакав книгата и решив дека кога ќе пораснам, кога бев мала, дека ќе работам само со книги. Зошто? Затоа што многу сакав да читам книги. Почнав да читам многу рано, во раната детска возраст, затоа беше најмногу „виновен“ мојот брат, којшто е повозрасен од мене, којшто постојано носеше книги дома“, вели Иванова.

Таа открива дека на свои 12 години ги прочитала сите руски класици, затоа што, како што појаснува, нејзиниот брат ги читаал токму нив. Иако животот ја однел по други патишта, таа почнала да се бави со продажба на книги, затоа што, како што вели, така најлесно можела да дојде до сите книги што сакала да ги има.

„Секое утро доаѓам пред 8 часот, а одам некаде во 18 часот, така што јас цел ден всушност сум тука. Освен кога работам со луѓето, читам. Највеќе класика. Јас сум вљубена во класиката. Во викторијанското доба, кога времето стоеше, кога луѓето живееја еден мирен живот исполнет со љубов, култура, мир и со взнаемно почитување“, вели Иванова раскажувајќи како всушност изгледа еден нејзин работен ден.

„Работа на улица е многу тешка, но јас претпочитам повеќе да работам на улица, затоа што така многу полесно доаѓам во контакт со сите профили на луѓе во нашата држава. Втора работа е што јас сакам отворен простор, ја сакам природата, ја сакам естетиката на природата, така може да ја видиш само преку книгите и доколку престојуваш во природата“, појаснува таа.

Според Иванова, работата со книги е специфична бидејќи на тој начин се комуницира со многу луѓе, а за тоа е потребно многу трпение.

„За одредени луѓе треба да имаш многу знаење, а знаењето ќе го стекнеш само со читањето. Јас ги познавам буквално сите книги, затоа што сум дошла во допир со сите наслови што се издадени на територија на Југославија“, истакнува Иванова.

Вели дека многу луѓе поминале низ нејзината книжарница и секој успеал да го најде неговото омилено четиво.

„Мојата борба книгата да си го добие правото место што го заслужува е многу долга. Јас 40 години сакам да им кажам на одредени луѓе коишто се одговорни за таа функција дека книгата треба да си го има своето место, затоа што книгата е примарната работа во нашето постоење. Затоа што сите поминале низ мојата книжарница. Тоа што луѓето ги привлекува во мојата книжарница е изборот на моите книги, а изборот го правам јас затоа што ги познавам“, потенцира Иванова, откривајќи зошто луѓето ги превлува нејзината книжарница под отворено небо и таа како антиквар и вљубеник во книгата.

„Втора работа е што луѓето се фасцинираат од магијата, од боите, од буквите, од тоа како се поставени, од разговорот, тоа е работа којашто не можат да ја разберат сите, ја разбираат луѓето што читаат. Тие многу добро ја знаат тежината на оваа работа и тежината на стварањето на книгите. Затоа книгата не треба да го има место како што кај нас го има, туку треба да го има првото место“, заклучува Иванова.

Таа смета дека во денешно време, книгата си ја губи својата функција затоа што свесно или несвесно човекот се оддалечува од нова, а така всушност, го губи својот најдобар пријател.