Осум американски држави поднесоа тужби против OпеанАИ во среда, обвинувајќи го за загрозување на децата преку својот четбот ЧетГПТ и за заблуда на родителите за неговата безбедност.
Ајова, Канзас, Небраска и Западна Вирџинија ги објавија своите постапки на прес-конференција во среда, додека Арканзас, Аризона, Ајдахо и Монтана поднесоа посебни тужби во своите државни судови.
„OпенАИ им штети на децата и ги лаже жителите на Ајова“, изјави главната обвинителка на Ајова, Брена Берд, во соопштението објавено од нејзината канцеларија.
„OпенАИ тврди дека ЧетГПТ е безбеден, а истовремено дава опасни медицински совети, ги охрабрува луѓето да ги повредуваат другите и ги учи како да извршат самоубиство, а сето тоа додека се претставува како нивен лажен пријател“, додаде таа, истакнувајќи дека тужбата има за цел да ги заштити децата и да го повика OпенАИ на одговорност според законите на Ајова
Генералниот обвинител на Западна Вирџинија, Џ.Б. Меккаски, изјави дека компанијата ги загрозува децата, ги доведува во заблуда родителите и ги крши државните закони за заштита на потрошувачите.
„Мораме да направиме сè што можеме за да ги заштитиме децата“, рече Меккаски, додавајќи дека на четботот му недостасуваат соодветни заштитни мерки за разговори поврзани со самоубиство, пукања во училишта и самоповредување.
Главниот обвинител на Небраска, Мајк Хилгерс, изјави дека ОпенАИ го рекламира ЧетГПТ како безбеден за малолетници и покрај она што тој го нарече сериозни недостатоци што довеле до самоубиство, насилство и други штетни последици.
„Оваа тужба едноставно бара од ОпенАИ да се придржува до истите стандарди според законот на Небраска како и секоја друга компанија“, рече Хилгерс во соопштение објавено на социјалната мрежа X.
Тужбите имаат за цел да го принудат ОпенАИ да се придржува до државните закони за заштита на потрошувачите и да престане со практиките што државните обвинители ги опишуваат како опасни и нелегални.



























