| Macedonian
СПОРТ
3 мин читање
Квалификации за СП 2026: Македонските фудбалери го победија Казахстан
Македонската репрезентација со 1:0 го победи Казахстан и не само што ги задржа шансите за првото место во групата за пласман на СП 2026 година, туку и ја продолжи низата од десет меча по ред без пораз во изминативе 365 дена
Квалификации за СП 2026: Македонските фудбалери го победија Казахстан
Клучниот момент на мечот се случи во 33 минута кога Александар Трајковски постигна еврогол (Фото: ФФМ) / Others
9 јуни 2025

Македонската фудбалска репрезентација минимално со 1:0 победи на тешкото гостување кај Казахстан во меч од квалификациите за пласман на Светско првенство 2026 година.

Клучниот момент на мечот се случи во 33 минута кога Александар Трајковски постигна еврогол. На крајот се покажа дека тоа е доволно за Македонија да ги освои посакуваните три бода на гостувањето во Астана.

Со оваа победа, Македонија сега е на чело на табелата со осум бодови од четири меча, пред Велс кој има седум бодови од три дуели и вечерва гостува кај Белгија. следи Казахстан со 3 бода, а Белгија има еден бод од еден меч. На последното место е Лихтенштајн без ниту еден бод.

Со оваа победа Македонија ја задржува шансата за пласман на Светското првенство кое следната година ќе се игра во САД, Канада и Мексико.

На жешката атмосфера на „Астана арена“, Македонија добро започна и во првите 15 минути имаше три шута кон голот на домаќините. Алиоски, Елмас и Чурлинов биеја, но голманот на Казахстан успешно бранеше.

Потоа дојде период во кој доминираше Казахстан. Домаќините првата посериозна шанса ја имаа во 16 минута кога Кенжебек биеше откосо и тоа во надворешниот дел од стативата. Потоа Столе Димитриевски имаше две одлични одбрани по шутевите на Тагиберген во 26 минута и на Шамородов во 31 минута.

Радост за Македонија и студен туш за домашните фанови стигна во 33 минута кога Трајковски на мајсторски начин ја зафати топката со волеј удар и погоди за 1:0, што беше резултат на полувремето.Казахстан тргна многу поагресивно во вториот дел, а првата голема шанса ја имаа во 58 минута кога Шамородов со шут од далечина ја затресе пречката. Во 65 минута следуваше бомба на Алип, но и тој удар го одбрани Димитриевски.

Првата шанса за нашата репрезентација беше во 80 минута кога Енис барди шутираше од преку 25 метри од слободен удар, но домашниот голман одбрани.

Во 85 минута повторно нова голема шанса за Казахстан. Чесноков шутираше од далечина, но неговиот удар заврши во стативата.

До крајот на мечот, домаќините притискаа со сите сили да израмнат, но резултатот остана непроменет.

Македонија со 1:0 го победи Казахстан и не само што ги задржа шансите за првото место во групата за пласман на СП 2026 година, туку направи и еден подвиг. Прв пат се случува Македонија 10 меча по ред да нема пораз и да спои 365 дена, односно една година без ниту еден неуспех.

Последен пат Македонија загуби на 10 јуни минатата година и тоа во пријателски меч од Чешка со 2:1. По тој пораз, нашата репрезентација одигра вкупно 10 дуели и има седум победи и три нерешени. Ги победувавме Ерменија (2:0 и 0:2), Летонија (1:0 и 0:3), Лихтенштај со 0:3, Фарски острови со 1:0 и денеска Казахстан со 1:0. Нерешени се дуелите против Белгија (1:1), Велс (1:1) и Фарски острови (1:1).

Следен противник на Македонија ќе биде Лихтенштајн во Скопје на 7 септември, што значи дека оваа убава серија на Македонија може да продолжи.

Повеќе
Туркије ќе се залага за фер финансирање за климата на COP31
Вучиќ предупреди на глобална економска криза и можни конфликти
Рама: Албанија во 2030 година членка на ЕУ е цивилизациски избор
Европа се стреми кон намалување на побарувачката на енергија во услови на вртоглав раст на цените
ОН: Кризата во Ормуската Теснина може да предизвика глобална катастрофа во земјоделството
Мицкоски: Царинската управа поставува нoви стандарди
Кинескиот претседател Кси е домаќин на разговори со шпанскиот премиер Санчез
Нетанјаху вели дека Европа има „многу да научи“ од Израел за „доброто и злото“
Иран побара оштета од пет арапски држави за помагање на нападите од САД и Израел
Џ.Д. Венс: Поразот на Орбан е лош за САД, но ќе соработуваме со новиот премиер
Францускиот производител на цемент Лафарж прогласен за виновен за финансирање на Даеш во Сирија
Балканските земји испратија честитки до Маѓар
Пилотите на Луфтханза започнаа 48-часовен штрајк
Туркије предупреди против воени решенија за тензиите во Ормускиот Теснец, повика на мировен пристап
Иран: Ниту едно пристаниште во Персискиот Залив и Оманското Море нема да биде безбедно