Ердоган: Туркије и Египет работат заедно за постигнување мир во Газа и стабилност на Либија
Туркије работи со Египет на овозможување на мир во Газа. Нашата заедничка цел со Египет продолжува да биде зачувување на единството и територијалниот интегритет на Либија за да се воспостави трајна стабилност, изјави турскиот претседател.
Туркије и Египет работат заедно на постигнување мир во Газа, како и на стабилноста во соседна Либија, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска на заедниката прес – конференција со египетскиот претседател Абдел Фатах ал – Сиси во Каиро.
„Туркије работи со Египет на иницијативи за овозможување на мир во Газа и ќе продолжи со овие напори. Нашата заедничка цел со Египет продолжува да биде зачувување на единството и територијалниот интегритет на Либија за да се воспостави трајна стабилност во земјата“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека Египет е веќе најголемиот трговски партнер на Туркије во Африка, Ердоган рече дека Анкара има за цел да го зголеми обемот на билатералната трговија од 8-9 милијарди долари на 15 милијарди долари.
„Туркије сака да ја зајакне својата соработка со Египет во областите на поморската трговија и транспорт, слободата на навигација и поморската безбедност“, рече тој.
Тој, исто така, истакна дека Туркије го отфрла признавањето на отцепениот регион Сомалиленд од страна на Израел, наведувајќи ја потребата од заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сомалија.
Во врска со ситуацијата во јужниот сосед на Египет, Судан, Ердоган рече дека Анкара сака прекин на огнот во Судан, а потоа одржлив мир во земјата.
Во врска со зголемените тензии меѓу Вашингтон и Техеран, Ердоган рече: „Решавањето на проблемите со Иран, вклучително и нуклеарното прашање, преку дипломатски средства е најсоодветниот метод“.
Во врска со Сирија, претседателот истакна дека Туркије ја поддржува големата трансформација на Сирија, бидејќи регионот ќе има голема корист од територијалниот интегритет и политичкото единство на Сирија.
Ердоган, исто така, нагласи дека и покрај повеќемесечниот прекин на огнот, хуманитарната трагедија во Газа сè уште продолжува.
Тој ги пофали напорите на Каиро да ја достави хуманитарната помош испратена од Туркије во рацете на Палестинците во Газа.