| Macedonian
РЕГИОН
2 мин читање
На Клиниката за инфективни болести во моментов се лекуваат 21 пациент со западнонилска треска
Досега се регистрирани вкупно 53 пациенти кои ја прележале, ја имаат или се сомнителни за западнонилска треска, од нив, 50 случаи се потврдени, а три се сомнителни, изјави министерот за здравство, Сашо Клековски
На Клиниката за инфективни болести во моментов се лекуваат 21 пациент со западнонилска треска
Клековски нагласи дека лекарите во анамнезата задолжително треба да проверуваат дали пациентите користат имуносупресивни лекови

На Клиниката за инфективни болести во моментов се лекуваат 21 пациент со западнонилска треска, од кои кај 18 е потврдено присуството на вирусот, додека за три лица се чекаат резултатите, информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски, пренесе МИА.

Од хоспитализираните пациенти, шестмина се на интензивно лекување.

Клековски посочи дека досега се регистрирани вкупно 53 пациенти кои ја прележале, ја имаат или се сомнителни за западнонилска треска. Од нив, 50 случаи се потврдени, а три се сомнителни.

Кај 52 пациенти била утврдена невроинвазивна форма на болеста, додека еден пациент имал полесна форма без невроинвазивни симптоми и веќе е излекуван и пуштен дома.

Од пациентите кои биле лекувани на Клиниката за инфективни болести, 25 се излекувани и отпуштени на домашно лекување.

Досега се регистрирани и пет смртни случаи поврзани со западнонилската треска.

Клековски информираше и за потврдениот случај во Куманово. Кај роднините на пациентот е спроведена епидемиолошка анкета, при што е утврдена изложеност на реката Пчиња. Надлежните продолжуваат со активностите за прецизно мапирање на можниот извор на изложеност.

Министерот посочи дека пациентите редовно се отпуштаат од Клиниката. Меѓу нив е и најмладата пациентка од Студеничани, додека се очекува наскоро да биде отпуштен и најмладиот пациент, 26-годишник од Зелениково. Кај помладите пациенти, како што објасни Клековски, болеста најчесто се манифестира во полесна форма.

Во однос на третманот, Министерството издаде ажурирано упатство до лекарите во одредени клиники и до матичните лекари за посебно внимание кај пациентите кои користат имуносупресивна терапија. Кај овие пациенти постои можност дел од тестовите да бидат лажно негативни, поради што се препорачува користење повеќе тестови за потврда на инфекцијата.

Клековски нагласи дека лекарите во анамнезата задолжително треба да проверуваат дали пациентите користат имуносупресивни лекови.

Во меѓувреме продолжуваат и активностите за сузбивање на комарците. Од 14 август досега е завршена четвртата тура авионско и земјено прскање против возрасни комарци во Скопје.

Авионското прскање било извршено на 20 и 21 август, додека земјеното прскање се спроведувало од 20 до 26 август.

Дополнително, по индикации се реализирани уште шест вонредни прскања. Во Гази Баба е опфатена површина од повеќе од 400 хектари, а второ прскање е извршено во Кисела Вода, односно во подрачјето на Драчево. Вонредни прскања се реализирани и во Зелениково, Студеничани, Бутел и Ѓорче Петров.

Повеќе
Северна Македонија и Туркије одбележуваат 34 години дипломатски односи
Арагчи разговараше со Пакистан и Катар за регионалните напори за деескалација
Бројот на жртви во пожарот во рускиот гасно-хемиски комплекс се искачи на седум
Рубио им рекол на сојузниците дека САД се повлекуваат од нападите врз Иран за време на санкциите
Владата донесе одлука за намалување на цените на училишниот прибор за најмалку 15 проценти
Иран се договорил со Оман за привремена транзитна траса низ Ормускиот Теснец од 11 километри
Терористичката група СДФ предводена од ЈПГ објави распуштање за да се интегрира со сириската армија
Се затвораат 26 рурални училишта, 300 паралелки помалку во основното и средното образование
Муцунски и Саар потпишаа два документи за билатерална соработка
Ердоган: Туркије е безбедна, довербата на 86 милиони луѓе е во сигурни раце и е обезбедена
Зеленски му ја додели наградата „Национална легенда на Украина“ на Шон Пен
Трамп: Ормускиот теснец е исчистен од мини
Кац: Израел нема да се повлече од Хермон
Девет Палестинци убиени во израелските напади во Газа во последните 24 часа
Кос: ЕУ ги менува правилата за проширување, не смееме да прифаќаме тројански коњи