Додик и по укинувањето на американските санкции се заканува со отцепување на Република Српска
Јасно е дека Уставниот суд на Босна и Херцеговина е дел од кланот чија цел е да го укине Дејтонскиот мировен договор, рече Додик откако Уставниот суд на БиХ ја отфрли неговата жалба против пресудата со која беше осуден на една година затвор
Поранешниот претседател на босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик во среда повторно се послужи со националистичка реторика и закани за отцепување на РС од Босна и Херцеговина, а причина за тоа беше одлуката на Уставниот суд на БиХ да ја отфрли неговата жалба против пресудата со која беше осуден на една година затвор и поради која му беше одземен мандатот.
„Јасно е дека Уставниот суд на Босна и Херцеговина е дел од кланот чија цел е да го укине Дејтонскиот мировен договор“, рече Додик на прес-конференцијата што ја одржа во седиштето на неговиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД) во Бања Лука.
Додик е сè уште претседател на таа партија, иако постојат толкувања, според кои, тој не би можел да ја извршува таа функција откако Судот на Босна и Херцеговина го осуди на затвор и шестгодишна забрана за политичка активност. Ова во моментов се дискутира помеѓу Судот на Босна и Херцеговина и општинскиот суд во Бања Лука, каде што е регистрирана СНСД.
Сепак, Додик продолжи да се претставува како претседател на РС во среда, иако тој мандат му беше одземен по сила на закон, а парламентот ја назначи Ана Тришиќ Бабиќ за привремен претседател до изборите закажани за 23 ноември.
Тој рече дека зборува од просториите на СНСД „само од формални и правни причини“ и го искористи своето појавување пред печатот за да испрати порака дека БиХ ќе се распадне, а РС ќе стане независна држава.
„Сè што кажавме за нашите политички цели ќе продолжи да нè води во иднина“, рече тој, додавајќи дека за него БиХ е „завршена приказна“ и најави дека ќе следи општа парализа на државно ниво.
Во февруари, парламентот на РС донесе низа закони со кои де факто се обидоа да спроведат сецесија, но овие закони беа поништени под притисок на американската администрација, која пак ги укина санкциите против Додик.
Минатата недела, претставникот на САД во Советот за безбедност на ОН објасни дека администрацијата на Доналд Трамп сега очекува „деескалација и стабилност“ во БиХ, но Додик во среда посочи дека нема да се откаже од реториката што го наведе да воведе санкции.
Тој рече дека „обединетите муслимани и глобалисти“ постојано го уништуваат Дејтонскиот поредок, поради што БиХ всушност не успеа.
„РС и јас, како претседател, веруваме дека не постои уставна БиХ. Постои БиХ во слободен пад и сакам да кажам нека оди по ѓаволите“, рече Додик.
Тој ја обвини Европската Унија дека поттикнува анархија и сака да ги одземе сите права на РС, а за ова ја именуваше европската комесарка Марта Кос.
„Јас сум против тоа да не вовлечат во ЕУ без статус и право на глас. РС ќе биде против тоа“, рече тој.