На покана на Парламентот на Република Хрватска, Центарот за безбедносна
соработка РАКВИАК (RACVIAC), Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции
и човекови права (OSCE ODIHR) и Центарот за управување со безбедносниот сектор,
ДЦАФ (DCAF), од 1-3 јуни 2026 година во Загреб, Република Хрватска, членови на
Комисијата за одбрана и безбедност активно учествуваат на Регионална годишна
конференција на Парламентарните комисии за одбрана и безбедност на земјите од
Југоисточна Европа.
Целта на конференцијата е да им се даде можност на учесниците да разговараат за
парламентарните процедури и механизми за надзорот во областа на одбраната и
безбедноста.
Согласно агендата, за време на конференцијата се обработуваат три панели на тема:
„Парламентарен надзор над секторот одбрана и безбедност – моментална состојба и
добри практики, заштита на правата и одговорностите на припадниците на
вооружените сили и полиција во ЈИ Европа и Кодексот на однесување на ОБСЕ како
нормативна рамка за парламентарен надзор над одбраната и безбедноста“.
Посебен фокус е ставен и на зголемување на меѓупарламентарната соработка како и
зачувување на дијалогот, стабилноста и мирот на Југоисточна Европа во контекст на
регионалните безбедносни предизвици.
На конференцијата од македонското Собрание учествуваат пратениците: Павле
Арсоски, претседател на Комисијата, Бране Петрушевски и Оливер Спасовски,
членови на Комисијата.
Претседателот на Комисијата, Павле Арсоски во своето обраќање ги запозна
присутните со прашањата поврзани со безбедносниот сектор во Собранието,
конкретните законски механизми за парламентарен надзор, позитивните и значајни
достигнувања, но со слабостите и тековните предизвици.
За надминување на ваквите предизвици, Арсоски ги истакна заложби кои се
спроведуваат во Собранието, како, ангажирање на независни надворешни експерти
при вршење на парламентарен надзор, настојување за спроведување на редовни
надзори наместо реактивни постапки и зајакнување на соработката со цивилниот
сектор.
Во продолжение, Арсоски нагласи дека клучот за успешниот парламентарен надзор
над безбедносниот сектор лежи во суштинскиот баланс, односно во состојбата
безбедносните служби да бидат ефикасни во заштита на државата и националните
интереси, а истовремено да бидат доволно контролирани за да не ги загрозат
уставните права и човекови слободи.




















