Фабриките во Европа што произведуваат оружје за Украина се потенцијални воени цели за Русија, изјави во среда портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Захарова на прес-конференција изјави дека европските земји се директно вклучени во конфликтот преку воена поддршка за Украина, додавајќи дека ваквите активности го одложуваат крајот на војната.
Ова беше нејзиниот одговор на прашањето за подготвеноста на Полска да изгради фабрика на своја територија за производство на пресретнувачки ракети „Патриот“ за Украина.
„Фабриките за оружје во европските земји што произведуваат оружје за Украина се потенцијални воени цели за Русија и не треба да се мисли дека воените фабрики надвор од украинската територија што произведуваат оружје за режимот во Киев ќе бидат безбедни. Секој што мисли така греши“, рече Захарова.
Според неа, европските земји се директно вклучени во украинскиот конфликт.
„Тие не само што даваат помош. Со отворање фабрики за оружје и заеднички инвестиции, тие се целосно вклучени. А ова само го одложува решавањето на конфликтот, наместо да помага, како што мислат или замислуваат некои сили во Европа“, додаде таа.
НАТО и многу европски земји изјавија дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина и да ѝ помагаат да ги потисне руските сили и да продолжат да соборуваат руски беспилотни летала и ракети.
Претходно британски медиуми објавија дека Москва испратила писмо до НАТО, во кое се наведува дека Русија нема намера да ги нападне земјите од алијансата, но предупреди дека секоја агресија врз Калининград- силно вооружена руска енклава помеѓу Полска и Литванија-ќе биде дочекана со најсилниот можен одговор.

























