Осум граѓански организации во Северна Македонија побараа од премиерот итно преиспитување на одговорноста и да го разреши директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ), Далибор Китановиќ.
Барањето се однесува на објавата што Китановиќ јавно ја споделил, во која, како што истакнаа организациите, се прикажуваат и величаат личности поврзани со четничкото движење, меѓу кои Дража Михајловиќ и Ратко Младиќ.
Организациите оценуваат дека објавата не може да се третира само како приватен став бидејќи Китановиќ извршува јавна функција и раководи со институција надлежна за остварување, унапредување и заштита на правата на помалобројните заедници во земјата, вклучително и Бошњаците, Турците, Ромите, Србите и Власите.
„Од директорот на Агенцијата се очекува да придонесува кон меѓуетничката доверба, еднаквоста и заедничкото живеење. Величањето личности и идеологии поврзани со прогон, асимилација, воени злосторства и геноцид е неспоиво со мандатот и одговорноста на функцијата што ја извршува“, се наведува во барањето.
Организациите, исто така, изразија загриженост за положбата на вработените во АОПЗ што им припаѓаат на засегнатите заедници, поставувајќи го прашањето дали тие може да се чувствуваат безбедно и достоинствено во работна средина раководена од лице што, според нив, јавно споделува вакви пораки.
Од Владата се бара да ја преиспита политичката, етичката и институционалната одговорност на Китановиќ, да донесе одлука за негово разрешување, да преземе мерки за заштита на вработените и јавно да се огради од величањето на осудени воени злосторници и идеологии што поттикнуваат национална и верска омраза.
Исто така, организациите побараа од Јавното обвинителство по службена должност да ги испита содржината и контекстот на објавата и да утврди дали постојат елементи на кривично дело во согласност со член 407-а од Кривичниот законик.
Барањето е доставено и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и до националниот координатор за меѓуетничка и меѓуресорска соработка, Салко Куч.
„Ова не е прашање на дневна политика, етничка припадност или приватно убедување. Ова е прашање на цивилизациски вредности, владеење на правото, почитување на жртвите и одговорност на носителите на јавни функции“, порачаа потписниците.
Барањето го потпишаа претставници на НГО „Шадрван“, НГО „Диван“, Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“, НГО „Диванхана“, НГО „Легис“, НГО „Смарт код“, Бошњачкиот национален совет и Бошњачката културна заедница.
Китановиќ, член на коалициската Демократска партија на Србите во Македонија, предводена од Иван Стоилковиќ, министер за локална самоуправа, на социјалните мрежи објави слика создадена со вештачка интелигенција, на која Младиќ е прикажан покрај историски српски личности, со натпис „Генерали на небесната војска“.
Владата на Северна Македонија реагираше, истакнувајќи дека Младиќ е правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства од надлежниот меѓународен суд и дека ставот на Китановиќ е личен и „неприфатлив“ за извршната власт.
По три дена молк, директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, во објава на социјалните мрежи се огласи во јавноста по реакциите што ги предизвика неговата објава поврзана со воениот злосторник Ратко Младиќ.
Китановиќ истакна дека реакциите по неговата објава „ги надминале границите на легитимната критика и прераснале во организирана политичка и медиумска пресметка, јавно жигосување и обид за политички линч.“
„Јас сум подготвен да ја понесам одговорноста за секој свој збор. Но нема да ја понесам одговорноста за туѓите манипулации со моите зборови“, напиша Китановиќ.
Меѓу останатото, тој упати и директно извинување до премиерот Христијан Мицкоски и членовите на Владата, бидејќи, како што вели, поради неговата објава биле непотребно вовлечени во политичка пресметка.
„Искрено му се извинувам на претседателот на Владата, господинот Христијан Мицкоски и на членовите на Владата, кои поради мојата објава беа непотребно вовлечени во политичка пресметка и изложени на напади за нешто за кое не сносат никаква одговорност“, наведе Китановиќ.
Осудениот воен злосторник Ратко Младиќ почина на 27 август на 84-годишна возраст во затворска болница во Хаг, каде што ја издржуваше казната доживотен затвор. Тој беше осуден за геноцид поради неговата улога во геноцидот во Сребреница во 1995 година, во кој беа убиени повеќе од 8.000 Бошњаци, мажи и момчиња, како и за други злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.



























