Како е да се биде контролор на летање?
„Ние сме гласот во слушалките на пилотот. Патниците нас не нѐ слушаат, ние имаме директна комуникација само со пилотите.“
Како што има контрола на сообраќај на земјата, така има контрола на сообраќај и на небото. Луѓето кои се грижат патниците мирно да полетаат, да слетаат и да се видат со своите најмили се најважната алка во целиот аеродромски систем - се викаат контрола на летање.
Ова е професија која сама по себе бара креативен ум, способност да се снајдеш во секакви ситуации, спонтаност и брзо размислување, одлучност која значи секунди во авијатичарскиот свет.
Жената, која покрај тоа што со години во земјава е позната по своето музичко портфолио, веќе над 20 години работи во светот на воздухопловството - тоа е Наташа Мијат Крстевска.
Таа со својата ведрина и позитивен дух ни раскажа што значи да се биде контролор на летање.
„Еден контролор на летање, без разлика на која позиција работи има должност безбедно да се грижи за делот од летот за кој е задолжен. Ако е контролор на кула – безбедно полетување и слетување, ако е приоден контролор тогаш наведување и спуштање или подигање на авионот до одредена „круз“ висина, а ако е обласен контролор – безбедно да го пренесе од точка А до точка Б, или во нашиот случај кога прелетуваат над Македонија, обласните контролори се грижат за прелетот на воздушниот сегмент на Македонија, значи безбедност пред сѐ!“, вели таа.
Контролорите на летање се „десната рака“ на пилотите. Тие им помагаат процесот на полетување и слетување да им биде апсолутно олеснет.
„Ние сме гласот во слушалките на пилотот. Патниците нас не нѐ слушаат, ние имаме директна комуникација само со пилотите. Без согласност од контролорот на летање, пилотите дури не смеат да побараат ниту стартување на моторите без претходно да се најават на контролорот на кула“, додава Крстевска.
Интересно е тоа што во работата на контролорите на летање, ниту еден ден не е ист, односно нивната работа не е воопшто шаблонска. Се случува да има денови со многу летови, денови кога слетуваат владини летала или делегации, или пак цивилни патнички авиони…а понекогаш и временските услови може да играат клучна улога.
Мијата пред камерата на ТРТ Балкан раскажа за еден настан каде снегот успеал да спречи еден македонски премиер да слета во Македонија, додека цело Собрание го чекало неговото присуство.
„Снег кога врне можам да кажам дека е стресно – тогашниот премиер требаше да слета од Бугарија и целото собрание чекаше да слета. Јас и уште двајца колеги бевме на кула, цело време чистевме снег. Значи чистењето на снег на писта е посебна процедура, затоа што мора да координирате со зимски возила, излегува електричар, па фрлаат уреа, се чисти, се мери кочење, сето тоа треба да биде истајмирано, а од Собрание постојано се јавуваат и прашуваат до каде е“, раскажува контролорката.
Како што вели контролорката, ова е стресна работа каде цело време се работи под притисок. Во оваа работа безбедноста е на прво место, а притисоците кои ги доживуваат се постресни од тоа што може да се издржи.
Автор: Јована Трајковска