Кина воведува нова виза „К“ за привлекување млади таленти во науката и технологијата
Со цел да се промовира размена и соработка меѓу млади таленти во науката и технологијата од Кина и други земји, Пекинг одлучи да додаде нов вид виза во својата обична категорија на визи, изјави портпаролот на кинеското МНР
Кина во понеделник објави воведување на нова „виза К“ насочена кон привлекување млади таленти во областите на науката и технологијата.
„Со цел да се промовира размена и соработка меѓу млади таленти во науката и технологијата од Кина и други земји, Кина одлучи да додаде нов вид виза во својата обична категорија на визи, имено визата К“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Гуо Џиакун на прес-конференција во Пекинг.
„За повеќе детали за визата К, ве молиме погледнете ги информациите што наскоро ќе ги објават кинеските амбасади и конзулати во странство“, додаде Гуо.
Според државната новинска агенција Ксинхуа, новата категорија на визи ќе стапи на сила во среда.
Визата К нуди поголема флексибилност во споредба со постојните 12 стандардни видови визи, вклучувајќи повеќекратни влезови, продолжени периоди на важење и подолги престои.
По пристигнувањето во Кина, на носителите на виза К ќе им биде дозволено да учествуваат во активности поврзани со образованието, културата, науката и технологијата, како и претприемачки и деловни потфати.
Покрај исполнувањето на одредени критериуми поврзани со возраста, образованието и работното искуство, од кандидатите за виза К нема да се бара да имаат покана од домашна организација или работодавач, а се очекува процесот на аплицирање да биде поедноставен.
Промоцијата на новата виза следи откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука административната такса за визата Х-1Б да изнесува 100.000 долари, наместо 1.500 долари. САД со таа програма ги привлекуваше научниците и инженерите од целиот свет.