Мерц: ЕУ е секогаш подготвена за разговори со Русија за завршување на војната во Украина
Ако можеме да придонесеме овие разговори да бидат уште подобри, уште поуспешни, ќе го сториме тоа, но, нема да отвориме никакви паралелни канали за комуникација, рече Мерц
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес изјави дека Европската Унија е секогаш подготвена за разговори со Русија во обид да се заврши војната во Украина, но дека нема да отвори никакви паралелни канали за комуникација.
„Секако, секогаш сме подготвени за разговори со Русија“, изјави Мерц пред новинарите во Абу Даби, според Ројтерс.
Тој рече дека во моментов се водат координирани разговори во Абу Даби.
„Ако можеме да придонесеме овие разговори да бидат уште подобри, уште поуспешни, ќе го сториме тоа. Но, нема да отвориме никакви паралелни канали за комуникација“, рече Мерц.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц од среда е во официјална посета на земјите од Персискиот Залив, вклучувајќи ги и Обединетите Арапски Емирати, со цел зајакнување на политичките и економските врски, енергетската соработка и регионалната безбедност.
И францускиот претседател Емануел Макрон во вторникот изјави дека се во тек подготовки за продолжување на дијалогот со рускиот претседател Владимир Путин, но, предупредувајќи дека Москва не покажува вистинска подготвеност да преговара за крај на војната во Украина.
„Се подготвува теренот, па затоа дискусиите се водат на техничко ниво“, изјави Макрон за новинарите за време на посетата на североисточна Франција, според Ле Монд.