Пристапот за членство во ЕУ треба да биде пристап заснован на заслуги, но во нашиот случај тажно, но, вистинито тоа не е ни приближно така, изјави премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Атлантски совет, тинк тенк организација од Вашингтон (Atlantic Council).
Тој додава дека на ова патување Македонија се соочува и се справува со таканаречени билатерални прашања и не може да оди напред, иако, како што вели, испорачува се кога станува збор за пристапот за членство во ЕУ, но, заснован на заслуги.
Претходната Влада, според него, прифатила уште една промена на Уставот, нешто што не може да го испорача и со тоа ја довела земјата во тешка ситуација во однос на членството во Унијата.
Но потенцира премиерот, оваа Влада се бори тоа да го надмине, а во меѓувреме работи на развој на земјата.
„За жал, ние испорачуваме сè кога станува збор за пристапот заснован на заслуги, но потоа секогаш се соочуваме со вештачки наметнати пречки пред нас. Прво беше промената на нашето уставно име, нема потреба да ве потсетувам што се случи во тоа време. Сега повторно имаме дополнителен услов, повторно промена на нашиот Устав. И она што ме плаши повеќе е фактот дека практично овој процес никогаш не завршува. Никој не може да ви гарантира дека ова е последното. Нашот случај е посебен случај“, вели Мицкоски.
Нашиот случај, нагласува, не е ни блиску до претходната институционална меморија на претходните земји кои станаа членки на ЕУ, затоа што го започнавме процесот дури и пред Хрватска, со потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација пред повеќе од 25 години.
„Заедно со нив станавме земји кандидати. Заедно со нив го добивме првиот позитивен извештај од Европската комисија за почеток на преговорите. За жал, оттогаш не можеме да започнеме поради некои вештачки причини. Треба да работиме заедно со ЕУ“, нагласи македонскиот премиер.
Меѓу условите, нагласува, повторно имаме барање за дополнителна измена на Уставот. Во нашата Преамбула имаме реченица во која се вели дека Македонија е земја на македонскиот народ и Албанците, Србите, Турците, Власите, Ромите, Бошњаците...
„Нашиот источен сосед побара да се продолжи со коса црта - Бугарите и другите. Сега Преамбулата завршува со „Бошњаците и другите“. Што е нешто многу чудно, бидејќи меѓу „другите“ ги имате и сите граѓани на мојата земја, меѓу кои е и бугарската заедница. А зборуваме за заедница која според последните пописни податоци брои приближно 3.000 луѓе. Не зборуваме за 300.000, ниту 3 милиони, ниту 300 милиони - зборуваме за 3.000 граѓани. Зошто треба да го направиме тоа? Зборуваме за човекови права. Ако зборуваме за човекови права: ние сме политичари, не сме експерти за човекови права. Како политичари, можеме само да го злоупотребиме ова прашање. Постои институција во Европа одговорна да суди дали нечии човекови права се прекршени или не. Таа институција е Судот за човекови права во Стразбур и Советот на Европа. Пред неколку месеци Советот на Европа рече: ја прекинуваме пост-мониторинг и мониторинг мисијата за мојата татковина бидејќи сите демократски стандарди се исполнети“, појасни македонскиот премиер.
Исто така, напомена дека во последните неколку години, „Судот во Стразбур пресудил во корист на македонската заедница во Бугарија 14 пати дека човековите права на македонската заедница што живее во Бугарија биле прекршени од бугарските власти, а како што рече, нула пати за бугарската заедница во мојата земја“.
Затоа вели, оваа Влада има предлог да се направат измените веднаш во Собранието, но да стапат во сила (со одложено дејство) кога ќе ги завршиме преговорите и кога сите Парламенти на сите земји членки ќе го ратификуваат пристапниот протокол.
„Ова е гаранција дека нема да има дополнителни пречки и дека ова е последното“, рече премиерот Мицкоски.
Во однос на тоа дали и покрај тоа што од перспектива на Брисел и земјите од ЕУ, кои велат дека потпишале договор со легитимна влада и оти имаат договор кој е на сила, и не го прифаќа предлогот на оваа Влада, ќе останат на својот став Мицкоски вели дека ќе продолжат да работат бидејќи, како што вели, ова не е прашање на дневна политика.
Интервјуто е дел од иницијативата „Балканот напред“ на Центарот за Европа, која работи на одржување на Западен Балкан на надворешнополитичката агенда во Вашингтон и на олеснување на дијалогот и анализите за најгорливите прашања со кои се соочува регионот.
Премиерот Мицкоски со владина делегација е во посета на Соединетите Американски Држави (САД). Предвидено е да има средби во Сенатот, Конгресот и Стејт департментот, со претставници на финансиската институција ДФЦ, со државници и со влијателни тинк-тенк организации. Мицкоски престојува во Вашингтон, но ќе учествува и на годинешното собрание на Обединетите нации во Њујорк.



























