Христина Велјаноска - Пијанистка со обработка на рок хитови и македонски народни песни
Целиот живот на Христина Велјаноска е исполнет со музика. Класиката ја следи постојано, а од неодамна е актуелна со аранжманите за клавир на светски хитови. Има настапувано во многу држави,а настапот во Карнеги Хол го памети како прекрасно доживување
Класика, рок кавери на клавир, обработки на македонски народни песни. Сето ова е на репертоарот на македонска пијанистка Христина Велјаноска. Почетоците и се на домашен терен, а Шведска и Обединетите Арапски Емирати се двете значајни станици во нејзината кариера.
„Низ годините имам настапувано на многу концерти и натпревари како во Македонија така и надвор. Во Америка ми беше и еден од најдрагите настапи, а тоа е настапот во познатата сала Карнеги Хол во Њујорк. И тоа беше едно неверојатно искуство и прекрасно доживување”, вели Христина.
Музичката академија во Малме и ја отвора вратата во светски рамки.
„Токму тука ја имав можноста да се запознаам со многу луѓе и музичари од целиот свет. Да видам како размислуваат, како работат, а и да се развијам себеси како музичар и како личност”, раскажува Велјаноска.
Плановите за живот во Шведска ги менува неочекувана понуда за работа во Арапските Емирати како професор на музичка академија под покровителство на кралот.
„ Тоа што ја правеше оваа прилика посебна и несекојдневна, е тоа што оваа академија беше и е, првата и единствена академија по музика и уметност во Емирати која што е под директно покровителство на кралот што значи е државна институција. И тој факт мене ми даде голема доверба и сигурност дека се ќе биде на највисоко можно ниво. И знаев дека го бараат најдобриот и најквалитетниот кадар од целиот свет и дека ќе вложат во него, а со тоа ќе вложат и во нивното образование и култура, па така се одлучив да ја прифатам оваа работа. Би можела со саати да зборам за тоа како ми беше животот Емирати, меѓутоа на кратко тоа беше еден од најубавите периоди во мојот живот.
Корона пандемијата била причина за неизвесност околу плановите со музиката. Токму затоа постепено навлегла и во ИТ сферата, за денес да има две професии. Изведбите на рок песните на клавир во сопствен аранжман е проектот по кој во последен период е препознатлива на социјалните мрежи.
„Сосема е различен пристапот. Во рок песните поинаку размислувам. Да го направам аранжманот да звучи најприближно како што е песната. Кога свирам класична музика тогаш е различен пристап. Тогаш следам тоа што го сака и го бара композиторот нели од тоа време која била неговата идеја и приказна”, вели Велјаноска.
Дел од бендовите кои ги имаат напишано песните и ги изведуваат на концерти насекаде во светот, вели пијанистката. Смета дека нема поголема афирмација од тоа на самиот бенд или пејач да му се допадне нејзиниот аранжман.