Јемските Хути во вторникот соопштија дека ги држат сите неодамна освоени позиции, особено стратешките области на брегот на Црвеното Море, негирајќи дека им го отстапиле теренот на јеменските владини сили.
Проиранските борци „целосно контролираат сè што освоиле на терен“, изјави портпаролот на војската на Хутите, Џахџа Сари, на Телеграм.
Тој додаде дека нивните трупи извршиле десетици напади врз јеменските сили во регионите Ал-Џауф и Мариб во последните неколку часа и дека продолжуваат да ја напаѓаат покраината Таиз.
Хутите, исто така, најавија нови напади врз соседна Саудиска Арабија, која ја поддржува меѓународно признатата јеменска влада. Тие рекоа дека целта биле меѓународниот аеродром во Ријад и рафинеријата на нафтениот гигант Арамко.
Противничкиот табор, кој во последните денови започна контраофанзива, од друга страна, тврди дека постигнал „победи на неколку фронтови“, нагласувајќи дека „ги истиснал Хутите од зоната на Теснецот Баб ел-Мандеб, аеродромот Дубаб, кампот ал-Омари и градот Моха“.
Судири за контрола на Моха
Јеменските воени извори официјално не коментираа за повторното освојување на Моха, наведувајќи само дека владините сили го пресекле единствениот пат за снабдување до ова стратешко пристаниште што Хутите го зазедоа во септември.
Агенцијата АФП не можеше веднаш да ја потврди ситуацијата на терен.
Судирите меѓу јеменските владини сили и борците Хути, кои се на власт во поголемиот дел од Јемен веќе една деценија, продолжија во јули по неколку години затишје, отворајќи нов фронт во војната на Блискиот Исток.
По молскавичната офанзива во септември, Хутите ја презедоа контролата врз целиот западен брег на Јемен долж Црвеното Море.
Оттогаш, тие редовно ги напаѓаат нафтените и воените инсталации на соседното кралство.



















