| Macedonian
РЕГИОН
2 мин читање
Словенија: Изгласани измени на законот за влада, на повидок нова владина коалиција
Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар по консултациите со партиите никому не му даде мандат за формирање влада бидејќи никој нема поддршка од мнозинството и го остави процесот на избор на мандат на Народното собрание
Словенија: Изгласани измени на законот за влада, на повидок нова владина коалиција
Јанша со поддршка на предизборната коалиција од НСи, Демократите и Ресница има повеќе од 46 пратеници потребни за мнозинство во парламентoт / Reuters

Словенечкиот парламент во среда усвои предлог за измена на законот за влада поднесен од партијата на Јанез Јанша, а гласањето ги дава контурите на можна нова коалиција составена од неговата Самостојна демократска партија (СДС).

Амандманите на законот добија 49 гласа „за“ и 4 „против“. Покрај СДС на Јанша, тие беа поддржани од коалицијата на НСи, СЛС и Фокус, како и од Демократите и Ресница, кои сега би можеле да ја формираат основата за коалициски договор.

Пратениците на Левицата и Весна беа против, додека оние од партијата на техничкиот премиер Роберт Голоб, Движењето за слобода и СД се воздржаа, додека некои беа отсутни.

Со предложените измени се намалува бројот на министерствата од 19 на 14.

Претседателот на СДС, Јанша, во петокот објави дека, доколку се усвојат измените на законот за влада, СДС ќе испрати почетни точки за преговори за коалициски договор до сите партии што ги поддржуваат, врз основа на кои би се формирала нова влада.

Од досегашните гласања во парламентот, повеќе или помалку е јасно дека се формира коалиција од десницата помеѓу СДС, Демократите, триото НСи, СЛС и Фокус и партијата Ресница, забележува агенцијата СТА.

Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар минатата недела ја информираше словенечката јавност дека по консултациите со политичките партии, нема да му даде на никого мандат за формирање влада, бидејќи никој нема поддршка од мнозинството и ќе го препушти процесот на избор на премиер на Народното собрание.

Таа ја објасни својата одлука со недостатокот на меѓусебно почитување и доверба за време на нејзините консултации со парламентарните партии, опишувајќи го како лош знак за нејзината соработка со потенцијалната нова влада.

Јанша нагласи дека СДС нема да формира влада по секоја цена.

Во парламентот, мандатар за премиер може да предложи група пратеници или десет пратеници.

За формирање влада е потребно мнозинство од 46 гласа во парламентот.

Премиерот Голоб, претседател на Движењето за слобода, кое е релативен победник на изборите со 29 пратеници, еден повеќе од СДС, објави дека не може да собере доволна поддршка за формирање влада.

Јанша, со поддршка на предизборната коалиција предводена од НСи (осум пратеници), Демократите (шест пратеници) и Ресница (пет пратеници), има повеќе од 46 пратеници потребни за мнозинство во словенечкиот парламент, кој има вкупно 90 пратеници.

Повеќе
ЦЕНТКОМ ќе го информира Трамп за нови воени опции во Иран
Изведен пред суд екс директорот на ФБИ кој се судри со Трамп
Туркије: Постапките на Израел против Глобалната флотила за Газа се чин на пиратство
Израел заплени и онеспособи бродови од Флотилата за Газа во меѓународни води
Трамп: Повлекувањето на ОАЕ од ОПЕК ќе ја намали цената на нафтата
Средба Фон дер Лајен – Маѓар во Брисел: Унгарија наскоро ќе добие средства од ЕУ
Путин предложил прекин на огнот во Украина на 9 мај, а Трамп ја прифатил идејата
Зеленски објави санкции за руски функционери и бродови кои се користат за извоз на руски енергенси
Мерц: Слободниот транзит по глобалните морски линии е клучен за економски успех
Ердоган повика на единство и братство во услови на регионалните предизвици
Силјановска Давкова- Пармелан: Швајцарија е еден од нашите најголеми донатори
Израел постави рок од две недели за постигнување договор со Либан
„Нема повеќе Господин фино момче“: Трамп со пушка во нова закана кон Иран
Народен правобранител: Евидентирани 508 случаи на сексуална злоупотреба на деца за пет години
Туркије потпиша договор со Фондацијата нула отпад за намалување на емисиите од транспорт