Алармантна статистика: Над 40% од младите до 18 години пушат цигари
Според статистиката на Институтот за јавно здравје, 45,4% од граѓаните се активни пушачи, што е значително повеќе од регионот за Европа кој изнесува 25 проценти.
Над 40 отсто од македонската младина до 18 години пуши цигари, а дел од нив дури и на 13 годишна возраст. Ова го покажува статистиката на „Аналитика тинк тенк“, независна институција за истражување на јавни политики.
Според статистиката на Институтот за јавно здравје, 45,4% од граѓаните се активни пушачи, што е значително повеќе од регионот за Европа кој изнесува 25 проценти. Трошоците за цигари изнесуваат 38 милијарди денари годишно, според статистиката на Светската здравствена организација (СЗО).
Институт за јавно здравје отвори бесплатна телефонска линија за откажување од пушење.
Со новите законски решенија за основно и средно образование училиштата се задолжени да спроведуваат програми против злоупотреба на тутунот, алкохолот и дрогата. Новина од оваа година е воведување на предметот „Учам за моето здравје.
Тамара Мијовиќ-Спасова од „Аналитика тинк тенк“ на регионалната работилница „Јакнење на соработката меѓу медиумите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“ рече дека земјава сѐ уште се рангира како една од земјите со повисоки стапки на пушење , но потенцираше дека загрижува фактот што анализите покажуваат дека на младите под 18 години не им се забранува продажба.
„Апелираме дека треба да се почитува законската регулатива. Ако ја гледаме и фискалната страна, добро е и да се зголемат цените на овие нови производи кои најмногу ги користат младите сега. Според нашите анализи, тие имаат ниска цена и има простор за зголемување на акцизаата што би ја покачила цената и би ги направила помалку достапни. Друга работа е што треба да бидат препознаени во Законот за заштита од пушење, бидејќи сѐ уште не се препознаени како такви, фигурираат како нови производи. Штом се препознаат, ќе се добие една перцепција дека и не се и така побезбеден производ како што сите некако имаме перцепција“, рече Мијовиќ-Спасова.
Младите чии родители се пушачи или имаат пријатели кои користат цигари имаат поголеми шанси и тие самите да станат пушачи. Излез од ваквата состојба се гледа преку едукација, смета министерката за образование и наука Јаневска.
„Во образованието кое всушност е најдобар начин за превенција и одбегнување на штетните материи, односно во основното образование во различни предмети се присутни теми за здравствена писменост. Новина е тоа што во седмо одделение оваа година е воведен изборен предмет во кој се учи за здравјето“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.