Повеќе од 15.000 медицински сестри во Њујорк стапија во штрајк
Главните барања на медицинските сестри и техничарите се поврзани со бројот на персонал и безбедноста при работа, при што синдикатот тврди дека болниците наметнуваат неподносливо работно оптоварување
Повеќе од 15.000 медицински сестри и техничари во три болнички системи во Њујорк денес стапија во штрајк откако преговорите во текот на викендот не дадоа резултати во врска со споровите околу договорите, објави Федералната асоцијација на медицински сестри во Њујорк.
Штрајкот започна во 6 часот наутро по локално време во болницата „Маунт Синај“ и нејзините два придружни центри, додека болницата „Њујорк-Презвитеријан“ и Медицинскиот центар „Монтефиоре“ во Бронкс исто така се во штрајк.
Се очекува штрајкот, кој се случува за време на сезоната на грип, да ги принуди болниците да ги преместуваат пациентите, да ги откажуваат процедурите или да ги пренасочуваат службите за итни случаи.
Исто така, штрајкот би можел дополнително да ги оптовари болниците кои не се дел од спорот, бидејќи пациентите ги избегнуваат погодените центри.
Монтефиоре им соопшти на пациентите дека закажаните термини ќе останат непроменети, додека другите болници рекоа дека „ќе направат сè што е можно за да ги минимизираат прекините“.
Преговорите се водат одделно со синдикатот за секоја болница, додека некои други центри во градот и предградијата постигнаа договори во последните денови и избегнаа штрајк.
Главните барања на медицинските сестри и техничарите се поврзани со бројот на персонал и безбедноста при работа, при што синдикатот тврди дека болниците наметнуваат неподносливо работно оптоварување.
Медицинските сестри и техничарите, исто така, бараат подобри безбедносни мерки, по неодамнешниот инцидент во Бруклин каде што еден човек се забарикадираше во болничка соба со остар предмет, а потоа беше застрелан од полицијата.
Синдикатот, исто така, бара ограничувања за употребата на вештачка интелигенција во болниците.
Непрофитните болници вклучени во преговорите велат дека работат на подобрување на нивото на персонал, но дека барањата на синдикатот се премногу скапи.
Гувернерката на државата Њујорк, Кејти Хокул, и градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, изразија загриженост за штрајкот.
Мамдани ги повика двете страни да продолжат со преговорите и да постигнат договор „што ги почитува медицинските сестри и ги одржува болниците отворени“.
Последниот голем штрајк на медицинските сестри во градот се случи во 2023 година во болниците „Маунт Синај“ и „Монтефиоре“, кој траеше три дена и резултираше со зголемување на платите од 19 проценти во текот на три години, заедно со ветени кадровски реформи.