Бразилскиот Конгрес усвои уставен амандман со кој работната недела се намалува од 44 на 40 часови, а на вработените им се обезбедуваат два слободни дена неделно, без намалување на нивните плати.
Оваа промена претставува најголема реформа на работничките права од враќањето на демократијата во Бразил во 1988 година.
Амандманот практично ја забранува шестдневната работна недела.
Сенаторите го усвоија амандманот- за кој се залагаше левичарскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва- помалку од две недели пред вториот круг од претседателските избори во оваа латиноамериканска земја.
Поддржувачите на Лула се надеваат дека усвојувањето на оваа мерка, од која се очекува да имаат корист повеќе од 30 милиони работници, ќе ги зголеми неговите шанси да го намали заостанувањето зад неговиот десничарски ривал, Флавио Болсонаро, во вториот круг на 25 октомври.
Синот на поранешниот претседател Жаир Болсонаро победи во првиот круг од претседателските избори со освоени 47% од гласовите, пред Лула, кој доби 45,2%. Ниту еден од нив не го достигна прагот од 50% од важечките гласови, што би било доволно за да се избегне одлучувачкиот втор круг.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека иницијативата за намалување на работната недела е многу популарна; едно национално истражување покажа дека речиси 70% од Бразилците ја поддржуваат.
Мерката претходно, во мај, беше усвоена во Претставничкиот дом (долниот дом на бразилскиот парламент), а во средата доби огромна поддршка и од сенаторите- со 75 гласа „за“ и еден „против“.
Флавио Болсонаро, кој моментално е сенатор, се откажа од своето претходно противење на мерката и исто така гласаше „за“.
Критичарите на мерката предупредуваат дека таа ќе ги зголеми трошоците за производство, што на крајот ќе падне на товар на потрошувачите преку повисоки цени.
Сепак, поддржувачите тврдат дека двата слободни дена неделно ќе им овозможат на работниците подобро да се одморат, а со тоа и да бидат попродуктивни во часовите кога работат.
Промената ќе се воведува постепено: по период на прилагодување од два месеца, работната недела првично ќе се намали на 42 часови, а во подоцнежна фаза и на 40 часови.
Ќе биде потребна повеќе од една година за промените целосно да стапат на сила, но многу од оние што ги поддржуваат веќе слават.

























