Момчето што му ја откри ванилата на светот

Интересно е и тоа што цветот на ванилата цвета само еден ден во годината, а опрашувањето мора да се случи во неколку утрински часови.

By
Момчето што му ја откри ванилата на светот / TRT Balkan MK

Ванилата е еден од вкусовите што најчесто го врзуваме со детството: сладоледот, тортите, топлите колачи, па дури и мирисот на омилените парфеми. Таа е присутна насекаде, тивко и природно, како отсекогаш да му припаѓала на светот. Но, зад овој универзален вкус се крие приказна што ретко се раскажува и уште поретко се поврзува со едно дванаесетгодишно момче, а не со научна лабораторија или академски ум.

Во почетокот на 19 век, ванилата била еден од најретките и најскапите зачини во светот. Причината не била трговијата или климата, туку самата биологија на растението. Орхидејата од ванила можела природно да се опраши само со еден специфичен вид пчела, која живеела исклучиво во Мексико. Надвор од тој регион, растението расцветувало, но плодовите никогаш не се појавувале. Цветовите се сушеле, мешунките изостанувале, а со нив и самата ванила.

Европските колонии, во обид да ја прошират култивацијата, ја саделе ванилата низ тропските острови во Африка и Индискиот Океан. Но обидите биле залудни. Ботаничарите немале објаснување, земјоделците биле разочарани, а растението останувало затворено во својата географска и биолошка рамка. Ванилата, едноставно, одбивала да стане глобална.

Токму во тој контекст, во 1841 година, на островот Реинион, се случува пресврт што ќе ја смени историјата на овој зачин. Додека експертите продолжувале да бараат сложени решенија, едно момче направило нешто поинакво- застанало и погледнало повнимателно.

Неговото име било Едмон Албиус. Роден во ропство, без формално образование, само дванаесетгодишен, тој работел во градина на островот Реинион, тогаш француска колонија. Додека ги набљудувал цветовите на ванилата, Едмон забележал нешто што другите го пропуштиле: тенка мембрана што ги раздвојувала машкиот и женскиот дел од цветот. Токму таа мала, речиси невидлива пречка го правела природното опрашување невозможно.

Едно утро, користејќи мало парче дрво, како импровизирана алатка, Едмон внимателно ја подигнал мембраната и рачно го пренел поленот. Процесот траел само неколку секунди. Неколку дена подоцна, се појавиле првите мешунки. За првпат во историјата, ванилата дала плод надвор од Мексико.

Овој едноставен, но генијален гест брзо се проширил низ островот, а потоа и надвор од него. Методот на рачно опрашување станал стандарден. Реинион и Мадагаскар постепено се трансформирале во водечки светски производители на ванила – позиција што ја задржуваат и денес. Иронијата е што техниката што и денес се користи на секоја плантажа со ванила во светот, речиси непроменета, е токму онаа што ја открил Едмон во XIX век.

Интересно е и тоа што цветот на ванилата цвета само еден ден во годината, а опрашувањето мора да се случи во неколку утрински часови. Ако таа кратка временска рамка се пропушти, плод нема да има. Ова ја прави ванилата не само скапа, туку и исклучително трудоинтензивна култура и уште повеќе ја нагласува важноста на откритието на Едмон Албиус.

Денес, зад секоја мешунка ванила стои човечка рака. И зад таа рака- идеја стара речиси два века. Моќта на забележувањето и вниманието кон деталите докажуваат дека една идеја од далечен остров може и понатаму да го движи целиот синџир на производство на еден универзален вкус. Ванилата можеби е секојдневна, но нејзината приказна е сè освен обична.