Хезболах бара запирање на израелските операции во согласност со договорот за прекин на огнот
Во интервјуто за Анадолу, Ал-Мусави истакна дека Хезболах со претпазливост ќе пристапи кон 10-дневниот прекин на огнот и внимателно ќе го следи развојот на настаните
Претставникот од парламентарниот блок на Хезболах, Ибрахим ал-Мусави, вчера изјави дека во договорот за прекин на огнот со Израел мора да биде вклучено целосно запирање на нападите и на сите непријателски дејства на целата либанска територија.
Во интервјуто за Анадолу, Ал-Мусави истакна дека Хезболах со претпазливост ќе пристапи кон 10-дневниот прекин на огнот и внимателно ќе го следи развојот на настаните.
Тој наведе дека договорот бил постигнат „под притисок на Иран, напори на Пакистан и соработка на Саудиска Арабија“.
Десетдневниот прекин на огнот меѓу Либан и Израел стапи на сила во петокот на полноќ по локално време во Бејрут и Тел Авив.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја најави одлуката за прекин на огнот во четвртокот по, како што ги опиша, „одличните разговори“ со либанскиот претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Објавата следуваше по преговорите со посредство на САД меѓу либанските и израелските делегации што се одржаа во вторникот во Стејт департментот во Вашингтон. Групата Хезболах немаше свои претставници на средбата.
Од 2 март Израел започна офанзива врз Либан во која загинаа 2.196 лица, а повредени се 7.185, покажуваат официјалните податоци.
Нападите, исто така, предизвикаа раселување на повеќе од еден милион луѓе.