Демократот Абдул Ел-Сајед стана првиот муслиман избран во Сенатот на САД откако го победи поранешниот републикански претставник Мајк Роџерс на внимателно следената трка во Мичиген. Тој им помогна на демократите да го задржат ова клучно место, оневозможувајќи кандидатот поддржан од Доналд Трамп да го презеде мандатот за републиканците.
Ел-Сајед, лекар и поранешен службеник за јавно здравје, ќе го пополни местото испразнето од пензионираниот сенатор Гари Питерс.
Неговата историска победа дојде по контроверзната кампања во која неговата вера стана централно прашање, при што претседателот Доналд Трамп и другите републиканци постојано го напаѓаа поради фактот што е муслиман.
Ел-Саед ги отфрли критиките што го поврзуваат со екстремизам.
Победата доаѓа и во сојузна држава во која Трамп победи со тесна разлика на претседателските избори во 2024 година.
Ел-Сајед ќе стане првиот муслиман кој ќе служи во Сенатот кога новиот Конгрес ќе се конституира во јануари.
„Лошите момци изгубија... Ние победивме“
Кандидатот ја прослави својата победата во Мичиген со емотивна порака до поддржувачите, а воедно директно насочена кон Трамп и потпретседателот Џ.Д. Венс.
Ел-Сајед им се заблагодари на гласачите во Мичиген и вети дека ќе ја донесе истата решителност, отвореност и емпатија во американскиот Сенат што, според него, гласачите ги покажале во текот на целата негова кампања.
„Мичиген, едвај чекам да ви служам со истите големо срце, отвореност, цврстина и искреност што ми ги покажавте“, им рече Ел-Сајед на поддржувачите.
Тој ги повика да го прослават резултатот како колективна победа, толкувајќи го исходот како отфрлање на неговите политички противници и триумф за оние кои водеа кампања за поширока политичка кауза.
„Нека знаат утре дека лошите момци изгубија“, рече тој. „Нека знаат дека ние заедно, борејќи се за нешто поголемо, победивме. Победивме! Затоа, Мајк, уживај во пензијата.“
Демократскиот кандидат, исто така, упати остри забелешки кон Џ. Д. Венс, осврнувајќи се на уставниот процес преку кој новоизбраните сенатори положуваат заклетва на функцијата.
„Џ.Д., хабиби, има една вкусна иронија во фактот дека си уставно обврзан да ја примиш мојата заклетва во јануари“, рече Ел-Сајед.
Потоа му се обрати на Трамп, наведувајќи ги митинзите на претседателот за време на кампањата каде што се покажа дека има проблеми со изговорот на името на Ел-Сајед.
„Доналд, гледај, знам дека се мачеше со моето име“, рече Ел-Сајед. „Значи, откако Џеј-Ди ќе ме заколне во јануари, можеш само да ми се обраќаш со - сенаторе.“























