Во Шпанија во јуни се регистрирани повеќе од 1.000 смртни случаи поврзани со високите температури, со што од 2015 година, откако се води евиденција, е јуни со најмногу смртни случаи, според податоците за смртност објавени денес.
Системот за дневно следење на смртноста на Министерството за здравство регистрирал 1.028 смртни случаи поврзани со високите температури во јуни, со што е надминат претходниот рекорд од 1.000 смртни случаи во 2017 година.
Податоците се базираат врз процени за прекумерна смртност, кои ги споредуваат очекуваните и реалните смртни случаи за време на екстремни горештини, а не преку директна медицинска потврда дека жештините се причина за смртта.
Речиси сите жртви се постари лица. Од вкупниот број, 1.022 биле лица на возраст над 65 години, од кои 720 над 85 години.
Еден смртен случај е регистриран кај лице помладо од 15 години.
Најголем број случаи се забележани во медитеранските и северните региони на земјата, каде што населението е помалку навикнато на долготрајни екстремни горештини. Во Каталонија има 218 смртни случаи, а во Баскија 147.
Зголемувањето на смртноста започна околу 21 јуни, со почетокот на рекордниот топлотен бран, а остана висока до крајот на месецот.
Овој јуни е втор најтопол јуни во Шпанија од 1961 година, според метеоролошката агенција AEMET, со просечни температури 3,2°C над просекот за периодот 1991–2020 година.
И покрај рекордните горештини во јуни, месеци со најголема смртност предизвикана од топлотен бран и понатаму се јули 2022 и август 2023.
Метеоролозите предупредуваат дека наредните денови Шпанија може повторно да ја зафати нов топлотен бран.










