САД информирале неколку арапски земји од Персиски Залив да се подготват за евентуална „кратка и интензивна“ воена кампања против Иран по американските средорочни избори, објави Волстрит џурнал повикувајќи се на неименувани извори.
Весникот наведува и дека има нови знаци дека американската и израелската армија се подготвуваат за потенцијален напад со цел да го принудат Иран на преговарачка маса.
Неименувани извори за Волстрит џурнал тврдат дека американската армија носи системи „Патриот“ од Тексас за да ја зајакне својата ракетна одбрана, а американските сили во регионот се снабдуваат со муниција, додека бомбардерите и борбените авиони се подготвуваат за напади.
Белата куќа одби да коментира за чувствителни воени планови „кои можеби постојат, а можеби и не“.
Во меѓувреме, американската војска денеска соопшти дека пловилата што немаат потреба да пловат меѓу пристаништата во Оманскиот Залив и Ормуската Теснина треба да се држат подалеку од тој поморски пат поради „зголемувањето на тензиите во регионот“.
„Поради актуелната геополитичка ситуација, на пловилата што не мора да минуваат низ ова подрачје им се советува да останат на безбедно растојание за да избегнат непотребни доцнења во пловидбата“, се наведува во известувањето на Командата на поморските сили на САД.
Во известувањето се додава дека пловилата што минуваат низ ова подрачје треба да имаат предвид дека транзитот најверојатно ќе трае подолго од вообичаено.
Американската војска последен пат јавно издаде слично известување во средината на јули, кога започна блокада на иранскиот поморски сообраќај.


























