Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, денес во главниот град Баку го прими турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, пренесува Анадолу.
Според соопштението од Кабинетот на азербејџанскиот претседател, Алиев го прими Фидан, кој денес пристигна во дводневна посета на Азербејџан.
Фидан му ги пренесе поздравите од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Алиев. Азербејџанскиот претседател му се заблагодари и побара од Фидан и тој да му ги пренесе неговите поздрави на Ердоган.
За време на средбата, двете страни изразија задоволство од успешниот развој на братскиот и стратегискиот сојуз меѓу Азербејџан и Туркије во сите области, како и од натамошното зајакнување на соработката заснована врз принципот „еден народ, две држави“.
Официјалните претставници ја истакнаа важноста на соработката во енергетскиот сектор и разменија мислења за новите маршрути кон меѓународните пазари во областа на алтернативната енергија.
Исто така, тие ја нагласија логистичката важност на Азербејџан и Туркије, особено нивната улога како клучен мост меѓу Европа и Азија и ја истакнаа важноста од координирање на активностите во рамките на меѓународните организации.
На средбата се разговараше и за иднината на билатералните односи, регионалните прашања и други теми од заеднички интерес.






















