| Macedonian
РЕГИОН
4 мин читање
АНБ и МВР разбиле иранска прокси мрежа која планирала терористички напад во Грција
Во акцијата се уапсени петмина македонски државјани, од кои еден во Грција, кои според сознанијата на Агенцијата за национална безбедност и партнерските разузнавачки служби, планирале атентат врз лице во Грција
АНБ и МВР разбиле иранска прокси мрежа која планирала терористички напад во Грција
Шестмината осомничени се македонски државјани на возраст од 29 до 73 години, од Скопје и Куманово, од кои едниот е во бегство (Фото: АНБ на РСМ) / Others

Пет лица кои биле дел од иранска прокси мрежа, која подготвувала терористичка акција во Грција, биле уапсени во заедничка акција на Агенцијата за национална безбедност и Бирото за јавна безбедност при МВР.

Од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) информираа дека од почетокот на 2026 година соработуваат со грчката национална разузнавачка агенција и други партнерски служби, но и во координација со МВР-БЈБ на национално ниво, и преземале активности за разоткривање на намери и планови на лица надоврзани на странски/ирански фактори, за извршување на терористички акти.

Атентат во Грција

„Во таа насока Агенцијата презеде сет од оперативно-технички и аналитички активности со цел разоткривање на прокси мрежа од земјава, надоврзана на иранскиот државјанин Едрис Јаханџири Маванех, лице поврзано со други прокси актери на иранските безбедносно-разузнавачки служби, вклучително и поврзаност со нарко босот Наџи Шарифи Зиндашти. Во однос на македонската мрежа, станува збор за лица етаблирани во криминални структури во земјава, кои по директни насоки на иранскиот државјанин преземале подготвителни логистички активности за извршување на терористички акт, односно атентат врз лице во Грција“, рекоа од АНБ.

Од Агенцијата објаснуваат дека во координација и размена со странски партнерски служби бил разоткриен нивниот модус операнди, за одржување на конспиративни средби на територија на трети земји, вклучително и Иран, при што биле потврдени конекциите со иранскиот државјанин, кој е главен носител на планираната терористичка акција.

„Информациите укажуваат дека станува збор за лице кое има широка мрежа на прокси актери и контакти со лице од висок интерес за безбедносните служби, односно истиот е соработник на иранските безбедносно-разузнавачки служби. Ваквите конекции, како и фактот дека изминатиот период повеќе земји се соочија со терористички закани и напади од страна на ирански прокси актери, е во корелација со обидите на иранските разузнавачки служби за нивно затскривање преку криминални прокси мрежи во трети земји, вклучително и Македонија“, рекоа од АНБ.

Уапсени петмина осомничени

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека БЈБ во координација со АНБ реализирале заедничка антитерористичка акција насочена кон откривање и спречување активности поврзани со кривичните дела Тероризам и Терористичка организација.

„Акцијата следува по информации добиени од АНБ, кои на почетокот на годинава беа доставени до Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал. Информациите се однесувале на шест лица, македонски државјани на возраст од 29 до 73 години, од Скопје и Куманово. По преземените координирани оперативни и истражни активности, акцијата беше реализирана од надлежните полициски служби при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, со поддршка на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, соопшти МВР.

Врз основа на наредби од судија на претходна постапка, биле извршени претреси на четири локации, при што се уапсени четири лица.

„Дополнително, во Република Грција беше лишено од слобода уште едно лице, кое беше предадено на надлежните органи во нашата држава. По шестото лице, за кое има сознанија дека се наоѓа надвор од државата, се трага. При претресите беа пронајдени и одземени мобилни телефони, лаптопи, персонални компјутери, УСБ-мемориски уреди, тефтери со контакти, скица со означена локација, како и огнено оружје и муниција, од кои дел без соодветна дозвола. Одземените предмети ќе бидат предмет на понатамошни анализи и вештачења“, велат од МВР.

Соработка меѓу МВР/БЈБ и АНБ

За преземените активности и утврдените сознанија е известено надлежното јавно обвинителство, а на пет лица им се определени соодветни мерки од страна на судија на претходна постапка.

Од МВР велат дека оваа акција е потврда за високото ниво на соработка и оперативна координација меѓу МВР/БЈБ и АНБ, која се темели на континуирана размена на информации, заедничка анализа на безбедносните сознанија и координирано постапување.

„Континуитетот на оваа соработка го потврдува и фактот што од крајот на 2024 година до денес, во координација со АНБ, МВР постапувало во 10 случаи во кои биле опфатени вкупно 22 лица, како и во два одделни случаи против две лица за кривичното дело Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации во обид. МВР и АНБ продолжуваат со интензивната соработка, заедно со надлежното јавно обвинителство и меѓународните партнери, со цел навремено откривање и спречување на активности што можат да ја загрозат националната и регионалната безбедност“, соопшти МВР.

Повеќе
ЕУ: Платформите на социјалните медиуми не ги отстрануваат пријавените измами
Фидан: Туркије мора да преземе водечка улога во зајакнувањето на регионалната поврзаност
АСЕАН и Јапонија го одржаа 29-тиот самит во Манила, ветуваат посилна соработка
Форензички експерт вели дека смртта на Епстин е поверојатно убиство отколку самоубиство
Израел фрла експлозив спакуван во кутии врз објекти во Газа
Палестина бара одговорност од Израел за прегазени осум лица
Венс ветува дека Трамп нема да дозволи конфликтот со Иран да прерасне во уште една „вечна војна“
Рама: Колку побрзо Србија го признае Косово, толку подобро ќе биде за сите во регионот
Новото тричлено претседателство на БиХ ја презеде функцијата
Турскиот министер за надворешни работи учествува на министерски состанок во Брисел
Папата Лав XIV од Латинска Америка упати пораки за вера и правда
Трамп: Прашањето за шпионажа над Енвидија ќе го покренам со кинескиот лидер Ши
Од полноќ ново намалување на цените на бензините и дизелот
Израел прогласи палестинско село за „затворена воена зона“ и ја протера европската делегација
Потопен уште еден товарен брод во Црното Море кај Бугарија