Индија денес соопшти дека ќе ги преземе „сите неопходни мерки за заштита на своите трговски и економски интереси“ откако американскиот Конгрес усвои голем закон со санкции за Русија.
Индиското Министерство за надворешни работи го потврди усвојувањето на Законот за санкционирање на Русија и Иран во американскиот Конгрес, додавајќи дека „го следиме натамошниот развој на ова прашање“.
Претставничкиот дом вчера го усвои законскиот предлог со 262 гласа „за“ и 159 „против“, при што десетици демократи им се придружија на републиканците. Сега мерката оди кај американскиот претседател Доналд Трамп на потпис. Со законодавството ќе ѝ се овозможи на администрацијата на Трамп да воведе царини до 100 отсто за земјите што купуваат руска нафта и гас, меѓу кои Кина и Индија.
Њу Делхи денес, исто така, соопшти дека Индија останува „цврсто посветена на обезбедувањето енергетска сигурност за своите 1,4 милијарди жители“ и дека „ќе продолжи да го прави тоа преку диверзифицирање на изворите и врз основа на развојот на состојбите на пазарот“.
„За ова прашање во последните месеци се разговараше на високо ниво со различни американски претставници. Неговите потенцијални последици не само врз билатералните односи, туку и врз меѓународниот енергетски пазар, многу јасно ѝ се предочени на американската страна“, соопшти Министерството.
Министерството наведе дека индиската страна „јасно ја истакна и својата решеност да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на своите трговски и економски интереси“.
„Владата тесно ќе соработува со индиските трговски и индустриски здруженија за справување со последиците од овие случувања“, се наведува во соопштението.
САД и Индија во февруари соопштија дека постигнале привремен договор за рамка за надминување на билатералниот трговски спор.
Минатата година тензиите меѓу двете земји се зголемија поради царините од 50 отсто што администрацијата на Трамп ги воведе за индиските производи, делумно поради тоа што Индија купуваше руска нафта во услови на продолжување на војната меѓу Москва и Киев.
Трговијата меѓу Индија и Русија минатата година достигна рекордни 68,7 милијарди долари.




























