Гугл финансира нови истражувања и програми за обука на вештини со цел да ги подготви вработените за економија водена од вештачката интелигенција (ВИ), објави „Аксиос“.
Компанијата започнува со три нови иницијативи за обука за ВИ, вклучително партнерство со фондацијата „Џонсон и Џонсон“ за да им се помогне на давателите на здравствени услуги во руралните средини да го намалат административниот товар.
Иницијативата вклучува и соработка со „Работни места за иднината“ за создавање практикантски стаж во 100 компании, како и програма со Институтот за производство (Manufacturing Institute) за обука на 40.000 работници и проширување на практикантската работа во 15 нови региони во САД.
Гугл исто така собира претставници на Владата, индустријата и граѓанското општество за да „дискутираат за ВИ и иднината на работата“.
Се очекува Бен Армстронг од Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ) да презентира истражување за тоа како компаниите може да ја користат ВИ за да им помогнат на вработените да ги намалат рутинските задачи, истовремено поддржувајќи ги учењето и соработката.
Од „Аксиос“ велат дека Гугл се обидува да го обликува начинот на кој Вашингтон пристапува кон вештачката интелигенција и работните места пред креаторите на политиките да воспостават сопствена рамка.
„ВИ не е нешто што нам ни се случува. Тоа е нешто што ние може да го обликуваме“, изјави главниот економист на Гугл, Фабиен Курто Милет, за „Аксиос“, додавајќи дека влијанието на ВИ врз работните места ќе зависи од изборите што компаниите и владите ги прават денес.

















