Аракчи: Разменети се некои пораки меѓу Иран и САД, но тоа не значи дека преговараме
Еднаш, пред многу години, преговаравме, дури и постигнавме договор, а потоа САД се повлекоа без никакво објаснување, и двапати минатата година и сега оваа година, преговаравме со САД, а резултатот беше нивниот напад, рече иранскиот министер
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, синоќа потврди дека се разменети одредени пораки меѓу Иран и САД, и директно и преку посредници, но нагласи дека тоа не значи дека САД и Иран преговараат.
„Добив директни пораки од (специјалниот претставник на САД) Стив Виткоф, но тоа не значи дека преговараме“, рече Аракчи, според Ал Џезира.
„Нема вистина во тврдењата за преговори со некого од Иран. Сите пораки се разменуваат преку Министерството за надворешни работи и нема комуникација меѓу безбедносните агенции. Техеран не одговорил на ниту еден од „15-те американски предлози“, ниту самиот презентирал предлози и услови“, рече Аракчи.
Тој нагласи дека сè уште нема конечна одлука за преговори со САД и дека има „резерви“ во врска со ова.
Аракчи дека Иран ќе прифати само целосен прекин на непријателствата во регионот, но не и прекин на огнот.
Иранскиот шеф на дипломатијата додаде дека Ормускиот теснец се наоѓа во територијалните води на Иран и Оман, но не и во меѓународни води, нагласувајќи дека е „вообичаено“ Иран и Оман стратешки да ги користат овие водни патишта.
Според него, Ормускиот теснец е отворен за бродови на земји кои не се во војна со Иран.
„Само за бродовите на оние кои се во војна со нас, овој теснец е затворен. Ова е нормално за време на војна, не можеме да им дозволиме на нашите непријатели да ги користат нашите територијални води за трговија. Бродовите поврзани со други земји, од безбедносни причини, поради високи цени на осигурување или која било друга причина, одлучија да не го користат теснецот“, нагласи Аракчи.
Тој изјави дека Иран и Оман заеднички ќе одлучат што ќе се случи со теснецот по војната.
„И ќе ги земеме предвид нашите пријатели во регионот и пошироко. Според наше мислење, Ормускиот теснец може да биде мирен воден пат за мирна употреба од страна на бродови од земји од целиот свет“, рече Аракчи.
На прашањето дали иранските сили се плашат од можноста за копнена инвазија од страна на американската војска, тој повтори дека Иран не ја започнал војната.
„Ги чекаме. Не мислам дека би се осмелиле да направат такво нешто. Ќе има многу сили што ќе ги чекаат. Но ние не сме тие што ја започнаа оваа војна. Се браневме. Жртвите со кои се соочија во нивните средства, нивниот персонал, нивните радари во регионот, нивните авиони, видовте што се случи со нивните авиони АВАКС или нивните танкери за полнење гориво“, рече Аракчи.
Тој оцени дека во случај на копнена војна, Иран би можел да се одбрани уште поефикасно.
„Знаеме многу добро како да се одбраниме. Во копнена војна, можеме да го направиме тоа уште подобро. Целосно сме подготвени да се соочиме со секаков вид копнен напад. Се надеваме дека нема да направат таква грешка“, рече Аракчи.
Зборувајќи за потенцијален договор со САД, тој рече дека Иран никогаш немал добро искуство во преговорите со САД.
„Еднаш, пред многу години, преговаравме, дури и постигнавме договор, а потоа САД се повлекоа без никакво објаснување. И двапати минатата година и сега оваа година, преговаравме со САД, а резултатот беше нивниот напад“, рече Аракчи.
Тој нагласи дека Иран не гледа причина да им верува на САД во овој момент.
„Не веруваме дека преговорите со САД носат некакви резултати. Нивото на доверба е на нула“, рече тој.