Претставничкиот дом на САД гласаше за укинување на царините на Трамп кон Канада

Резолуцијата има шанси да помине во Сенатот, кој гласаше двапати лани за да спречи воведување царини кон Канада, но веројатно нема да стане закон бидејќи е потребно двотретинско мнозинство во двата дома за да се поништи очекуваното вето на Трамп

By
Тарифите осигураа економска и национална безбедност и ниту еден републиканец не треба да биде одговорен за уништување на привилегијата, рече Трамп / Reuters

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес ја усвои резолуцијата за укинување на царините што претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, ги воведе кон Канада, а 219 пратеници гласаа за мерката, додека 211 беа против.

Шест републиканци им се придружија на речиси сите демократи во поддршката на предлогот, објави Си-Би-Ес.

Републиканците Ден Њухаус, Брајан Фицпатрик, Џеф Херд, Кевин Кајли, Томас Маси и Дон Бејкон гласаа за укинување на царините.

Единствениот демократ кој беше против тоа беше Џаред Голден.

Резолуцијата, предложена од демократскиот претставник Грегори Микс, има претежно симболичен карактер, а Трамп би можел да ја блокира ако Сенатот ја потврди.

Партијата на Трамп има тесно мнозинство од 218 наспроти 214 претставници во Долниот дом на Конгресот. Резолуцијата има добри шанси да помине во Сенатот, кој веќе двапати гласаше за блокирање на воведувањето царини од страна на Трамп врз Канада, и покрај тоа што неговите републиканци имаат повеќе места таму.

Но, резолуцијата веројатно нема да стане закон бидејќи би било потребно двотретинско мнозинство во двата дома за да се поништи очекуваното вето на Трамп, а повеќето републиканци досега не сакаа отворено да се спротивстават на политиките на Трамп.

Непосредно пред гласањето, Трамп ги повика републиканците да не се повлекуваат од неговата царинска политика, предупредувајќи дека оние што ќе гласаат против ќе „трпат последици“ на изборите.

„Царините ни обезбедија економска и национална безбедност и ниту еден републиканец не треба да биде одговорен за уништување на таа привилегија“, додаде Трамп.

Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, рече дека Трамп „не е вознемирен“ и го потсети претседателот дека може да стави вето.

Мерката ќе ја прекине националната вонредна состојба што Трамп ја прогласи за да го оправда воведувањето царини врз Канада, обвинувајќи ја земјата дека не прави доволно за да се справи со нелегалната имиграција и трговијата со дрога.

Во меѓувреме, американскиот претседател ѝ се закани на Канада со дополнителни царини, додека односите меѓу двете земји се влошија.

Демократите тврдеа за време на дебатата дека царините ги зголемиле трошоците за американските семејства и го доведоа во прашање предавањето на трговските овластувања на Белата куќа, додека републиканците тврдеа дека царините се ефикасна алатка за борба против кризата со фентанил и заштита на американските интереси.

Во ноември, Врховниот суд го разгледа овластувањето на Трамп еднострано да воведува царини, а наскоро се очекува одлука.