| Macedonian
РЕГИОН
4 мин читање
Божиновска: Македонскиот рубин ќе добие сертификат за потеклото, обврска ни е да го заштитиме
Македонскиот рубин е дел од нашето природно наследство, со свое потекло, специфични својства и приказна, сакаме секој производ што ќе го носи ова име да ја пренесува приказната за македонската природа, геологија, традиција и уметност, рече Божиновска
Божиновска: Македонскиот рубин ќе добие сертификат за потеклото, обврска ни е да го заштитиме
Рубинот до крајот на октомври ќе добие QR-код преку чие скенирање корисникот ќе ги добие сите информации содржани во сертификатот

Сакаме македонскиот рубин да биде препознатлив и ценет првенствено во Македонија, а потоа и во регионот и, секако, на меѓународниот пазар, рече денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

На прес-конференцијата, на која ги презентира активностите за заштитита и промоција на овој наш уникатен камен, Божиновска информира дека македонскиот рубин ќе добие сертификат за потеклото, квалитетот и посебните својства, но и QR-код преку чие скенирање корисникот ќе ги добие сите информации содржани во сертификатот. Првиот код се очекува да биде изготвен до крајот на октомври.

„Македонскиот рубин е дел од нашето природно наследство, има свое потекло, свои специфични својства и своја приказна. Наша обврска е таа природна вредност да ја претвориме во препознатлив и заштитен македонски производ зад кој ќе стојат јасни правила, проверен квалитет и доверба. Сакаме името да биде поврзано со земјата од која потекнува, специфичните својства да бидат препознаени и заштитени. Сакаме секој производ што ќе го носи ова име да ја пренесува приказната за македонската природа, геологија, традиција и уметност“, рече Божиновска.

Таа истакна дека името македонски рубин ќе може да се користи само кога се исполнети утврдените услови: кога е потврдено потеклото, кога постои документација, кога е извршена стручна контрола и кога производот ги исполнува критериумите утврдени со елаборатот, правилникот и законската рамка.

Според неа, со воспоставување ред и јасни стандарди македонскиот рубин добива можност да прерасне во препознатлив национален бренд, производ што ќе создаде нова економска можност за занаетчиите, дизајнерите, обработувачите, трговците и, секако, локалните заедници.

„Денеска зборуваме за процес што го почнавме со јасна цел. Она што природата ѝ го подарила на Македонија да го заштитиме, да го уредиме и да создадеме услови, конечно, да ја добие својата вистинска вредност. Веќе не зборуваме за идеја или иницијатива, го градиме институционалниот механизам за заштита што ќе се применува во практиката. Тоа значи дека мора прецизно да биде утврдено што може да се означи и да се продава како македонски рубин. Мора јасно да се знае од каде потекнува материјалот, мора да постојат јасни правила за тоа кој може да го вади, да го обработува, да го пласира и, конечно, да го користи заштитениот назив. Мора да биде утврден начинот на кој се контролираат квалитетот и посебните својства, мора да постои евиденција за материјалот и мониторинг за неговото движење – од местото на потекло, преку обработката, па сè до негово означување, продажба и промоција. Мора да бидат јасно определени условите под кои камен, накит или друг производ може да го носи името македонски рубин“, истакна Божиновска.

Таа уште еднаш напомена дека заштитениот назив мора да биде придружен со систем што ќе гарантира дека зад него навистина стојат автентично потекло, утврден квалитет и почитување јасно дефинирани правила.

„Нашата цел е да се заштитат производителите, обработувачите и занаетчиите што ги почитуваат правилата, а пред сè ние треба да го заштитиме купувачот. Кога граѓани, туристи, странски купувачи ќе го видат македонскиот рубин, треба да бидат сигурни дека зад тоа име стојат автентично потекло, проверен квалитет и секако институционална гаранција. На тој начин создаваме доверба во производот, но истовремено ја зголемуваме и неговата пазарна вредност“, рече Божиновска.

Во 2025 година, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во координација со Геолошкиот завод, првпат ја поведе иницијативата за институционална и правна заштита на македонскиот рубин како географска ознака.

Процесот започна во 2025 година, кога Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во координација со Геолошкиот завод, покрена иницијатива за институционална и правна заштита на „Македонски рубин“ како географска ознака.

Геолошкиот завод изработи Елаборат за заштита на производот „Македонски рубин“ како географска ознака – полу(скапоцен) камен од природен корунд, специфичен вариетет поврзан со прилепските доломитски и калцитско-доломитски мермери.

Врз основа на оваа документација, годинава во мај беше поднесена пријавата до Државниот завод за индустриска сопственост, кој на 17 јуни донесе решение со кое географскиот назив „македонски рубин“ доби правна заштита.

„Тоа е значаен успех за нашата држава. Со ова решение името македонски рубин доби правен идентитет и основа за институционална заштита. Истовремено, решението отвора нова и уште поважна фаза – практично спроведување на оваа заштита“, нагласи министерката.

Во рамките на активностите за афирмација на македонскиот рубин, на прес-конференцијата беше посочено и значењето на мини-галеријата во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, посветена на овој природен ресурс но и на останатите минерални богатства на нашата земја.

Мини-галеријата е опремена во соработка со Дејан Шкартов - Деко и невладината организација „Откритие“, со која Министерството претходно потпиша Меморандум за соработка.

Повеќе
Туркије и Велика Британија продолжуваат со работата на проектот за набавка на Еурофајтер тајфун
Фидан: Ердоган ќе бара ублажување на ЦAATСA и решение за С-400 во разговорите со Трамп
САД велат дека „вратата е отворена“ Иран да се врати на преговорите
ИРГК вели дека ќе ја промени „географијата на војната“ доколку повторно биде нападната
Иран го осуди Израел поради дејствувањето во Газа и на Западниот Брег во пресрет на ГСОН
Низ Ормуз поминуваат сѐ помалку бродови
Иран тврди дека собориле американски MQ-1 воен дрон
САД и Кина ги поздравуваат многу успешните разговори за трговија и ВИ пред самитот Трамп- Кси
Единствена Русија на Путин пред убедлива победа на парламентарните избори
Мицкоски на средба со Рубио: Отворениот дијалог со стратешките сојузници има голема тежина
Вучиќ: Брзата пруга Белград-Будимпешта ќе биде отворена во октомври
Ердоган пристигна во Њујорк каде ќе се обрати на Генералното Собрание на ОН
АФД победи во уште една германска покраина, ЦДУ на Мерц не го исполни ни прагот
Трамп: Иран сака да постигне договор бидејќи губи во секој поглед
Принцот Хари: Добро е повторно да се биде на британско тло