Туск: Проруските петтоколонаши може да ја уништат Европската Унија

Велејќи дека војната меѓу Западот и Русија „веќе е во тек“, Туск тврди дека во Полска таа се манифестира во форма на подметнати пожари, напади со беспилотни летала, ситуацијата на границата со Белорусија и сè поагресивни кибернапади

By
Туск: Проруските петтоколонаши може да ја уништат Европската Унија / Reuters

Полскиот премиер во понеделник изјави дека Русија веќе е во војна со Западот и дека нејзините „петтоколонаши“ можат да ја уништат ЕУ како организација и Европа како културен феномен.

„Војната што Русија ја води против нас е многу пософистицирана отколку што беше пред кратко време“, изјави Доналд Туск.

Туск рече дека повеќе пати им упатил аларм на западните партнери и дека пораката конечно стигнала до нив.

Велејќи дека масовното упаѓање во полскиот воздушен простор од страна на осомничени руски беспилотни летала во септември било „пресвртница во војната“, тој подвлече дека одлуката за соборување на беспилотните летала не била донесена лесно, но дека „нема ни најмал сомнеж дека толерирањето на провокациите нема да заврши добро“.

Велејќи дека војната меѓу Западот и Русија „веќе е во тек“, Туск тврди дека во Полска таа се манифестира во форма на подметнати пожари, напади со беспилотни летала, ситуацијата на границата со Белорусија и сè поагресивни кибернапади.

Полскиот премиер рече дека „нема сомнение“ дека неодамнешните напади врз неколку дигитални системи се „резултат на намерна, планирана саботажа“.

„И ќе ги има уште повеќе, низ цела Европа“, предупреди тој, обвинувајќи го рускиот претседател Владимир Путин дека води војна против Западот, која се одвива „внатре во европските општества“.

„Путин има алатки што можат да ја уништат Европската Унија како организација, но и Европа како културен феномен“, рече тој. „Овие алатки се петтата колона на Русија, присутни во секоја земја од Европа.“