Рускиот претседател Владимир Путин следната недела треба да ја посети Кина, по само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп заврши со својата посета на оваа азиска земја, пишува денес „Саут Чајна морнинг пост“.
Се наведува дека еднодневната посета ќе се реализира на 20 мај, повикувајќи се на извори, кои исто така додадоа дека посетата е дел од редовниот ангажман на Москва со Пекинг, со мали очекувања за свечена парада или церемонија за пречек.
Ниту Пекинг, ниту Москва досега ги немаат потврдено датумите.
Трамп ја заврши својата тридневна посета на Кина денес.
За време на првата посета на еден американски претседател на Кина по девет години, тој се сретна со кинескиот претседател Кси Џинпинг за да разговараат за трговијата, Тајван, конфликтот на Блискиот Исток и други прашања.
Посетата на Путин ќе биде прв пат Кина да биде домаќин на лидерите на двете сили во ист месец надвор од мултилатерален контекст.
Последната средба меѓу Путин и Кси се одржа на 4 февруари 2026 година преку видеолинк.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера изјави дека Путин наскоро ќе ја посети Кина.
„Набрзо ќе објавиме. Оваа посета се подготвува. Може да се каже дека подготовките се веќе завршени, а преостануваат само финалните детали. Таа ќе се реализира во многу блиска иднина“, рече тој.
Запрашан за можните руско-кинески контакти по посетата на американскиот лидер, Песков рече дека руското раководство очекува контакти со Кси без оглед на посетата на Трамп на Пекинг.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, денес за новинарите изјави дека Пекинг и Москва одржуваат блиска комуникација во врска со подготовките за средбата меѓу двајцата претседатели.
„Дополнителни детали ќе бидат објавени кога ќе дојде време за тоа“, рече тој.
Доколку посетата на Путин се реализира, Кина ќе биде првата земја домаќин на сите четворица лидери на останатите постојани членки на Советот за безбедност на ОН во рок од неколку месеци еден по друг.
Советот за безбедност на ОН има пет постојани членки: Русија, САД, Велика Британија, Франција и Кина.
Францускиот претседател Емануел Макрон ја посети Кина во декември, додека британскиот премиер Кир Стармер престојуваше во посета во јануари.











