Израелската армија започна копнена офанзива во понеделник за освојување на градот Газа, најголемиот урбан центар на енклавата, објави американскиот портал Аксиос, повикувајќи се на израелски официјални лица.
„Градот Газа, најголемиот урбан центар на енклавата е силно бомбардиран“, објави Аксиос.
Досега повеќе од 350.000 Палестинци се евакуирани од градот Газа во други делови од Појасот, соопшти израелската војска (ИДФ).
Се проценува дека илјадници луѓе го напуштиле градот преку ноќ поради силниот бран воздушни напади, изјави извор од одбраната, според „Тајмс оф Израел“.
Изворот, исто така, рече дека бројот на палестински цивили кои бегаат од градот Газа веројатно ќе се зголеми како што напредува копнената офанзива на ИДФ против Хамас.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац напиша на социјалните мрежи дека неговите војници храбро се борат за да создадат услови за ослободување на заложниците и пораз на Хамас.
„Градот Газа гори. Израелските одбранбени сили удираат со железна тупаница врз терористичката инфраструктура. Нема да попуштиме и нема да се откажеме додека мисијата не биде завршена“, рече Кац.
Генералниот секретар на „Лекари без граници“, Кристофер Локир, го осуди засилениот израелски напад врз градот Газа и го повика светот итно да дејствува за да обезбеди прекин на огнот.
„За многумина во Газа, бегството е невозможно“, напиша тој.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху минатиот месец ѝ нареди на армијата да ја заземе Газа, која ја опишува како упориште на милитантната група Хамас, одговорна за ненадејниот напад врз Израел во октомври 2023 година.
Армијата оттогаш го опколи Појасот Газа, создавајќи хуманитарна катастрофа обележана со уништување, масовно раселување и сериозен недостиг на храна и вода.
Израелските сили со недели дејствуваат на периферијата на градот Газа, приближувајќи се кон центарот, каде што околу еден милион Палестинци се засолниле минатиот месец.



















