Седум навивачи на Паок загинале во сообраќајна несреќа во Романија

Трагичната сообраќајна несреќа се случила кога се судриле камион и комбе со 10 навивачи на грчкиот фудбалски клуб, кои патувале за Франција за натпреварот од Лига на Европа помеѓу Паок и Лион

By
Според прелиминарната истрага, несреќата се случила кога минибусот, додека престигнувал, удрил во цистерна што доаѓала од спротивната насока / Reuters

Седум навивачи на грчкиот фудбалски клуб Паок загинале, додека тројца се повредени во несреќа што се случила денеска на западот од Романија, во близина на Темишвар, соопшти романската полиција.

Трагичната сообраќајна несреќа се случила кога се судриле камион и комбе со 10 навивачи на грчкиот фудбалски клуб, кои патувале за Франција за натпреварот од Лига на Европа помеѓу Паок и Лион, објави грчкиот „Катимерини“.

Возачот на комбето и шест навивачи на грчкиот клуб загинале, додека три лица се повредени, од кои двајца потешко.

Романската полиција покрена кривична постапка за кривични дела убиство од небрежност и нанесување телесни повреди од небрежност.

Според прелиминарната истрага, несреќата се случила кога минибусот, додека престигнувал, удрил во цистерна што доаѓала од спротивната насока.

Поради тешките временски услови, хеликоптерот на брзата помош не можел да се приближи до местото на несреќата.

Сообраќајот бил запрен некое време и пренасочен кон алтернативни правци.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека е шокиран од несреќата и дека грчката влада и амбасадата соработуваат директно со локалните власти.