Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неодамнешните регионални случувања покажуваат оти сегашниот меѓународен систем „го кренал белото знаме на предавање“, обвинувајќи ги светските институции дека стојат настрана додека израелското насилство продолжува во Газа и на окупираниот Западен Брег.
Во петокот, Ердоган предупреди дека меѓународен систем не успева да ги зачува мирот и безбедноста.
Говорејќи на официјалната церемонија на отворање на „TРТ Ворлд Форум 2026“ во Конгресниот центар во Истанбул, Ердоган рече:
„Тероризмот на нелегалните доселеници, кој има за цел насилно да ги расели Палестинците од нивната прататковина, станува сè подрзок од ден на ден, пред рамнодушните погледи на современиот свет.“
Pacta sunt servanda
Тој истакна дека меѓународните институции, чија задача е да обезбедат мир, безбедност и стабилност, повторно „гледаат од страна“ како се одвиваат ѕверства во Газа, исто како што се случи во Руанда, Сребреница и на многу други места.
„За жал, Договорот за мир во Газа, во чие посредување учествувавме и ние, не се спроведува“, нагласи Ердоган.
Посочувајќи дека принципот „pacta sunt servanda“ (договорите мора да се почитуваат), кој претставува темел на меѓународните односи, не се почитува, Ердоган рече: „Сите мора да разберат дека на овој начин не може да се реши ниту еден проблем“.
Турскиот претседател изјави дека нормите и принципите врз кои е изграден меѓународниот систем „денес се газат“.
Ердоган истакна дека со сегашните светски кризи не може да се справиме преку застарени пристапи.
„Не можеме да ги решиме денешните проблеми со вчерашните рецепти“, рече тој.
Свет без центар
На почетокот на своето обраќање на „ТРТ Ворлд Форум“, чија овогодишна тема е „Свет без центар“, Ердоган им честиташе и им се заблагодари на раководството на TРТ за организирањето на форумот, нарекувајќи го еден од водечките проекти на овој медиумски сервис.
Тој наведе дека TРТ веќе повеќе од 60 години обезбедува принципиелно и одговорно емитување преку конвенционалните и дигиталните платформи.
Ердоган изрази надеж дека дискусиите на форумот ќе ги „прошират хоризонтите“ и дека упатените пораки ќе придонесат за глобалната стабилност и мир, особено во регионите каде што луѓето страдаат и се угнетени.


















