Чешка: Десетици уапсени за местење фудбалски натпревари и корупција

Фудбалскиот сојуз на Чешка соопшти дека нејзината етичка комисија покренала 47 дисциплински постапки, главно поради сомневање за поткуп и местење натпревари, во кои се вклучени клубови, службени лица, судии и играчи

By
Mеѓу осомничените се прволигашкиот клуб Карвина, како и второлигашкиот клуб Опава (Фото: Фудбалски сојуз на Чешка) / Others

Чешката полиција спровела обемни рации и привела десетици лица под сомнение за корупција и местење фудбалски натпревари поврзани со обложување, како дел од долгорочна истрага, соопштија денес локалното обвинителство и Фудбалскиот сојуз на Чешка.

Главниот државен обвинител Радим Драгун изјави дека истрагата се спроведува на неколку локации во Чешка и во странство, со претреси на станови, деловни простории и земјиште, објави Ројтерс.

Фудбалскиот сојуз на Чешка соопшти дека нејзината етичка комисија покренала 47 дисциплински постапки, главно поради сомневање за поткуп и местење натпревари, во кои се вклучени клубови, службени лица, судии и играчи.

Претставници на чешкиот фудбал изјавија дека никој од раководството на асоцијацијата не е вклучен во оваа истрага, која, како што истакнуваат, главно се однесува на нелегални активности поврзани со обложување.

„Од наша перспектива, истрагата беше долготрајна и успешна. Забележавме неколку пријави за сомнителни натпревари на социјалните мрежи, но немаше смисла да се фокусираме на поединечни натпревари, туку систематски да се пристапи кон проблемот со цел да се отстрани од чешкиот фудбал“, нагласи претседателот на сојузот, Камил Јавурек на прес-конференцијата.

На листата, меѓу другите, се наоѓаат прволигашкиот клуб Карвина, како и второлигашкиот клуб Опава, кои засега не се јавиле со коментар.

Случајот, објаснува Ројтерс, доаѓа шест години откако полицијата изврши рација во седиштето на Фудбалскиот сојуз и на други локации низ земјата, кога 20 лица беа обвинети за корупција.