Словенија е се поблиску до приклучување кон тужбата на Јужноафриканската Република (ЈАР) против Израел пред Меѓународниот суд на правдата. Постапката се темели на наводи за кршење на Конвенцијата за геноцид и дејствија против Палестинците во Појасот Газа, а словенечката влада сериозно ја разгледува оваа опција веќе некое време.
Според неофицијални информации од порталот 24ур, Министерството за надворешни работи веќе ја подготвило целата документација, така што владата би можела официјално да биде информирана за сè уште оваа недела.
Премиерот Роберт Голоб и министерката Тања Фајон наводно веќе разговарале на темата, а директен контакт со јужноафриканските власти се очекува во наредните денови.
Сепак, Министерството вели дека конечниот потег се очекува дури откако ќе се заврши детална правна анализа.
Словенија на тој начин би можела да им се придружи на земји како Шпанија, Ирска и Белгија, кои веќе го поддржаа овој правен процес.
Фајон, исто така, разговарала за постапката со белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево за време на неговата посета на Словенија минатата недела.
Во таа прилика, тие разменија искуства поврзани со интервенцијата во постапката, како и правните аргументи што ја наведоа Белгија да се придружи на тужбата, објави министерството.
Како што дознава порталот 24ур, словенечката влада сака да донесе одлука и да го заврши процесот што е можно поскоро, идеално пред 19 февруари, кога официјално започнува изборната кампања.
На 29 декември 2023 година, JAР поднесе тужба против Израел, обвинувајќи го за кршење на своите обврски според Конвенцијата за геноцид во третманот на Палестинците во Газа. Оттогаш, Судот издаде низа привремени мерки со кои му наредува на Израел да преземе чекори за спречување на акти на геноцид.

















