Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Европа мора да избере еден претставник кој ќе зборува во нејзино име во преговорите со Русија и САД, објави данскиот јавен сервис ДР.
„Европа мора да одлучи кој ја претставува. Сега е време да се избере кој ќе ја претставува Европа“, рече Зеленски за време на заедничкото појавување со данската премиерка Мете Фредериксен на Универзитетот во Копенхаген.
Тој нагласи дека, иако секој европски глас е важен, присуството на премногу претставници би ги искомплицирало преговорите.
„Сите сакаат да претставуваат. Гласот на секого е многу важен. Но, 40 луѓе не можат да разговараат со Путин“, рече Зеленски.
Тој изјави дека средбите во Данска, како и претстојниот состанок во Берлин на 19 ноември, би можеле да бидат можност европските лидери да се договорат за еден претставник.
Осврнувајќи се на тековните трилатерални разговори во Абу Даби, во кои учествуваат претставници од Украина, Русија и САД, Зеленски призна дека преговорите со Москва остануваат тешки.
„Тукушто разговарав со нашиот тим во Абу Даби. Тешко е со Русите. Тие не ни се најдобри пријатели“, рече тој.
Зеленски додаде дека разговорите во Обединетите Арапски Емирати се фокусирани на хуманитарни прашања, вклучително и размена на затвореници.
Во меѓувреме, Фредериксен исклучи можност таа да ја претставува Европа во преговорите со рускиот претседател Владимир Путин, нагласувајќи ја важноста од зајакнување на европските институции.
Таа изјави дека прашањето за тоа кој треба да ја претставува Европа ќе биде предмет на дискусија на состаноците подоцна денеска, како и на средбата на Европската политичка заедница во Даблин.























